Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Иако очекувањата беа дека вчера ќе се финишира политичко-партиската сага за „Законот за јавно обвинителство“, вчера вечер се случи пресврт во меѓупартиските односи. ДУИ почна да наметнува нови услови за да гласа за законот, што го налути коалициониот партнер СДСМ, пренесува Фокус.
Љупчо Николовски преку Фејсбук порача дека реална е опцијата СДСМ да направи ново парламентарно мнозинство и влада која ќе работи на организирање на редовни, а не предвремени избори, доколку има опструкции во носењето на важните закони, како законот за ЈО.
Александар Кирацовски во изјава за Фокус потврдува дека одржувањето на избори на 12 април е доведено во прашање, исто како и довербата меѓу коалицоните партнери.
„Секако дека одржувањето на изборите е доведено во прашање. Со оглед на актуелните случувања во парламентот каде преку тактизирање и политички игри се избегнува гласањето на битни законски решенија, т.е. Законот за ЈО и Советот на ЈО, Изборниот законик и законот за Одбрана, во прашање е доведена довербата меѓу коалиционите партнери, како и стабилноста на актуелното парламентарно мнозинство. Таква ситуација, на неколку денови пред распуштање на Собранието, ние како одговорни политичари не смееме да си дозволиме. Имено, граѓаните од нас, пред се, очекуваат испорачување на правда во нашата Македонија, нешто кое е условено од Законот за ЈО. Очекуваат да се изгласа и законот за Одбрана кој претставува инструмент на практичната реализација на договорот за влез во НАТО, што впрочем го изгласавме пред некој ден. Граѓаните, исто така очекуваат разрешување на актуелната министерка Мизрахи, поради Уставно прекршување. Ова се прашања околу кои не смее да има компромис, особено не со политички тактизери кои бараат начин да ги заобиколат истите“, вели Кирацовски.
Тој додава дека токму затоа, мошне реално и можеби, доколку овие евидентни проблеми не се надминат, неопходно ќе биде формирање на ново, похомогено, државнички определено парламентарно мнозинство кое ќе формира цврста Влада која ќе биде организатор на редовни парламентарни избори.
Претходно, спикерот Талат Џафери побара утре да се одржи лидерска средба за партиите да кажат дали се за одржување на избори на 12 април.