Оскарите поминаа, Атиџе порача дека сега сака да има малку раат со пчелите


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На прес-конференцијата која преку видео врска ја одржа филмската екипа од „Медена земја“, главната хероина од филмот, Атиџе Муратова, порача дека сака малку да ја остават на раат од интервјуа. „Со пчелите си имам работа“, порача вчера Атиџе од Холивуд.

Атиџе, која вчера на прес-конференцијата заедно со екипата на „Медена земја“ одговараше на новинарски прашања, вели дека и се допаѓа Лос Анџелес, а најмногу му се радува на океанот.

„Супер си поминувам овде. Најмногу му се радував на океанот. Утре се враќам назад. Но сакам малку да ме остават на раат. Си имам јас работа со пчелите“, рече Муратова.

„Не треба да има разочарување за тоа што не добивме Оскар. Срамота е да има разочарување, нас секој ден ни се случуваа Оскари. Најважното, сепак, беше тоа што Атиџе беше тука. Таа беше главната ѕвезда“, истакна еден од режисерите на документарниот филм „Медена земја“, Тамара Котевска, во одговор на новинарските прашања на вчерашната „онлајн“ прес-конференција од Холивуд.

Котевска вели дека успехот со „Медена земја“ веќе е постигнат, а тоа го докажуваат двете номинации за Оскар, нешто што според неа, нема да се повтори во скоро време и тоа треба да се запамети.

„Вчера беше еден прекрасен настан што вреди да се доживее во животот. Мислам дека најбитното вчера беше за Атиџе што беше таму присутна. Ние со филмот нашето го направивме и сметаме дека успехот е постигнат“, појасни Котевска додавајќи дека има разлика кога се прави филм за реални ликови и поминуваш со нив четири години, и кога имаш измислени ликови.

Кога се работи со реални ликови, режисерката рече дека одговорноста е многу поголема затоа што овие ликови не си заминуваат од твојот живот, тука остануваат.

„Едноставно, сите документаристи кои ги видовме годинава, а што немавме можност да ги запознаеме, поминале низ такви животни ситуации со тие филмови што не им дозволуваат да постапат поинаку освен со солидарност до колегите кои поминале низ истото. Имаше еден преубав момент што се случи пред да ги најават номинациите. Седевме сите заедно од номинираните документарци, сите станаа се гушнаа и се договоривме доколку победи некој од нашите филмови, сите номинирани документаристи да излезат на сцена. Но, поради организација на оскарите тоа не беше возможно. Сепак, имаше едно најискрена намера тука, и тоа е најубавото чувство за таква колегијалност“, додаде Котевска.

Режисерот Љубомир Стефанов на олајн прес-конференцијата што новинарите ја следеа во МКЦ, истакна дека филмот „Медена земја“ е направен на крајно ентузијастична основа и како што рече, горд е што со еден потфат, без скапи опреми, но со добра идеја и ентузијазам добиле две номинации за Оскар.

„По ова патешествие од пет години, кое искрено нѐ измори, јас лично едвај чекам да почнам да работам на нов проект. Подготвувам нешто, и секако дека овие номинации носат олеснување за понатамошно наоѓање на финансии, наоѓање копродуценти, но мислам дека најважно е домашното да се подготви и од мојата страна за да можам да го понудам. Веројатно имаме повеќе можности сега“, рече Стефанов во одговор на прашањето кои се нивните идни планови.

Според продуцентот Атанас Георгиев, филмот произлегува од индивидуалци, а пренесува универзална порака и таа порака се пренесува низ цел свет, истакнувајќи дека ја смениле историјата и начинот на гласање на целата Академија и документаристиката од сега натаму ќе се гледа поинаку.

Прашан за мислење зошто токму „Американската фабрика“ освои Оскар, тој појасни дека станува збор за квалитетен филм зад кој стои „Нетфликс“.

„’Американска фабрика’ е одличен филм, има свои квалитети, си има своја исклучителна приказна, за целиот свет исто така, но тоа е исто како едно пиле да се бори со мечка. Сепак, зад тој филм стои „Нетфликс“. Колку и членови да брои Академијата и сите сакаат да гласаат објективно, сепак, најголем број на членови се Американци. Тогаш победува националниот момент. Не треба да истражуваме, за да знаеме дека поголем дел на електоратот заради темата на филмот, односно Америка, влијаеше да го изгаласаат тој филм. Јас сум сепак сигурен дека ние бевме многу блиску до нив“, рече Георгиев.

Во однос на документарецот „Американска фабрика“, Тамара додаде дека станува збор за страсни документаристи, и според неа, Оскарот им е повеќе поради нивните досегашни дела отколку конкретно поради овој филм.

„Не треба да се завлегува во теории на заговор, дека ете Америка е против светот, бидејќи конкретно тие режисери имаат направено многу позади себе. Ова им е веќе четврта номинација, тие се многу страсни документаристи, Оскарот им е повеќе поради нивните досегашни дела отколку конкретно поради овој филм. Тоа е многу битно да се знае, бидејќи политиката на Оскарите е многу сменета, никогаш не се случило до сега четири филма да бидат надвор од Америка, и не би било фер да се зборува дека ние сме жртви или дека не е фер. Тие двајца документаристи си го кажаа своето и има што да се научи од нив. Тоа е примерот што треба да се земе“, додаде Тамара.

Еден од кинематограферите на „Медена земја“, Самир Љума, рече дека „Медена земја“ му го променила животот, и како што рече, се надева дека нема да поминат 25 години за повторно некој од нив да направи нов филм за кој ќе знаат сите.