Necenzurirano.si: Орбан и Јанша во политичко-разузнавачко-медиумска операција во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според информациите кои ги пренесува словенечкиот портал Necenzurirano.si, од август 2018 година досега, најмалку четири милиони евра на разни начини од Унгарија се префрлаат во Словенија и Македонија за финансирање на медиуми и за политичко-разузнавачко-медиумска операција против влезот на Македонија во НАТО, пренесува Мкд.мк.

Сите замешани компании и сметки се блиски до унгарскиот премиер Виктор Орбан и со словенечкиот опозиционер Јанез Јанша.

Во оваа оска Будимпешта-Љубљана-Скопје замешана е и Москва, пишува порталот. Дел од парите во Словенија биле префрлани од унгарската градежна фирма „Белфри“, еден од најголемите огласувачи во словенечката телевизија Нова24. Инаку оваа компанија, „Белфри“, не работи во Словенија, а еден од најважните партнери на оваа компанија е унгарската енергетска компанија МВМ, која е сопственик на нуклеарната централа „Пакс“ во Унгарија. Таму, руската државна компанија „Росатом“ гради два нови блока во вредност од 12 милијарди евра од 2014 година,пишува Necenzurirano.si.

Според порталот унгарскиот политички врв, преку една од словенечките банки и други помагачи во Словенија, спроведува операција за политичко разузнавање и поддршка на медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во Македонија. Целта на оваа операција е да се собори владата на Зоран Заев и Преспанскиот договор кој на Македонија ѝ обезбеди членство во НАТО, пишува порталот.

Во операцијата, клучна улога играат сопственици на унгарски медиуми блиски до партијата на Јанез Јанша, Словенчката демократска партија (СДС), финансирани од компании блиски до Виктор Орбан, унгарскиот премиер. Словенечкиот портал тврди дека добиле документи, податоци и информации од повеќе земји од кои се гледа дека најмалку три компании, тесно поврзани со унгарската владејачка партија Фидес, префрлиле најмалку четири милиони евра – 1,5 милиони евра за Словенија, а преостанатите 2,5 милиони евра за Македонија.

Во 2018 година, 2,5 милиони евра од Унгарија се депонирани во Македонија преку сметка во „Уникредит Словенија“ од Питер Шац, претседател на управниот одбор на словенечката „Нова ТВ24“ и еден од унгарските претприемачи кои контролираат медиуми на опозициската СДС на Јанша, пишува порталот.

Според податоците на порталот, унгарските дознаки повторно се интензивираат со наближувањето на изборите закажани за 12 април. Трансакциите повторно се одвиваат преку Словенија.

Целата оваа операција, пишува Нецензурирано.си, е во интерес на Русија, која е тесно вклучена во ситуацијата во Македонија на полето на разузнавање и спречување на интеграцијата на Македонија во НАТО. Дел од оваа „новинарскo-разузнавачка мрежа“ е и весникот „Ла Верита“ и новинарот Ларис Гајсер кој пишуваше за аферата „Рекет“, пренесува порталот.

За помалку од една година, унгарските претприемачи станаа официјални сопственици на повеќе од десет електронски, печатени и мрежни медиуми во Македонија.