Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Една од последните, ако не и последна холивудска ѕвезда од старата генерација на славните холивудски филмски времиња, актерот Кирк Даглас, почина на 103 години, објави неговиот син, актерот Мајкл Даглас.
„Со огромна тага, моите браќа и јас објавуваме дека Кирк Даглас нѐ напушти на 103 годишна возраст“, напиша Мајкл Даглас на неговиот официјален инстаграм профил.
Роден како Исур Даниелович на 9 декември 1916 во Њујорк, името го смени во Кирк Даглас пред да ѝ се придружи на морнарицата во Втората светска војна, зошто никој не можел да го изговори правилно, па го скратил во Изи. Неговите родители биле еврејски имигранти од денешна Белорусија.
Кирк имал лошо детство и како дете продавал закуски за да заработи доволно пари за да купи млеко и леб. Подоцна работел како доставувач на весници и сменил 40 работни места пред да стане актер. Тој самиот си ги плаќаше часовите по глума, се додека не доби стипендија од Американската академија за драмски уметности која го забележа неговиот талент за глума. Од 1942 година целосно се посветува на глумата. Пред точно пет децении, ја одигра неговата легендарна улога на Спартак. Четири години пред тоа, публиката ја освои со улогата на морнарот Нед Ленд во „20.000 под морето“.
Кирк се женеше двапати, има четири сина, од кои најпознат е актерот и продуцент Мајкл Даглас. Со првата жена Дијана ги имаше двата сина Мајкл и Џоел, денес и двајцата актери. Неговата прва сопруга играше и во серијата „Династија“, Со втората сопруга Ен, беше во брак 65 години и ги имаа синовите Питер и Ерик, исто така актери. Единствено, жалеше што никогаш не доби ќерка и за Кетрин Зета Џонс често велеше дека кога би имал ќерка, би личела на неа. Даглас стана и прадедо кога неговиот внук Камерон, ја доби ќерката Лу, родена после неговиот 101ви роденден и на која средното име е Изи, првото име што Кирк го користеше додека не го промени во Кирк.
Кирк беше награден со наградата „Златен глобус“ за улогата на Винсент ван Гог во филмот „Желба за живот“, изјавувајќи дека улогата е болно искуство затоа што тој беше на иста возраст со Винсент ван Гог кога изврши самоубиство. Тој ги стекна правата на романот „Лет над гнездото на кукавицата“, а во 1963 година играше голема улога во претставата заснована врз тој роман. Тој, исто така, ги купи правата за филм за тој роман, а подоцна го предаде на неговиот син Мајкл Даглас, кој го продуцираше филмот и за тоа доби Оскар. Тој го зацврсти имиџот на опасен човек во филмот, „Шампион“, како себичен боксер. Во неговата кариера, повеќе сакаше да игра улоги на лоши момци.
Во неговата импресивна кариера ги бројува филмовите: Од минатото (1947), Шампион (1949), Хит карта (1951), Лошиот и убавата (1952), 20.000 милји под морето (1954), Желба за живот (1956) ), Патеки на славата (1957), Пресметка кај О.К. Коралот (1957), Викинзи (1958), Спартак (1960), Осамените се храбри (1962), Седум дена во мај (1964), Хероите на Телемарк (1965), Сатурн 3 (1980) и Жестоки момци (1986). Три пати беше номиниран за Оскар, но никогаш не го доби за главна или споредна улога.
„Не ме сакаа од Академијата зошто глумев лоши момци, но да им кажам дека некој од моето семејство ќе го земе.“ – зборуваше луто Кирк во шеесетите години, а неговите зборови следната деценија ги оствари синот Мајкл кога го доби Оскарот за „Лет над гнездото над кукавицата“.
Во 1996 година Кирк прими почесен Оскар за животно дело.