Сведочење на Лила за „Рекет“: „Не сме скарани со Боки, само не живееме веќе“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Познатата македонска водителка Лила Стојановска на денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ прв пат се појави во својство на сведок. Ова беше и прво соочување со нејзиниот долгогодишен близок пријател Бојан Јовановски, обвинетиот во „Рекет“, откако Боки беше уапсен во рамки на полициската акција за овој случај.

Блиската пријателка ниту еднаш не го погледна Јовановски, иако тој на неколку пати постојано гледаше кон неа, и пред и за време на нејзиното сведочење, пренесува Мкд.мк.

Пред нејзиното сведочење судот го утврди нејзиниот идентитет и на записник ја заведе како Лила Стојановска. Откако се претстави дека е родена во Гетеборг, Шведска, дипломиран филолог, работи како новинар, водител, пред судот рече дека не се скарани, но не се повеќе пријатели.

Стојановска го познавала Боки 13 од неговата 15-та година, а со него се дружеле долги години со исклучок на 3-4 години кога биле скарани. Водителката посочи дека дала донација од 25 илјади евра, а потоа уплатила позајмица од 500 илјади денари на адреса на 1 ТВ.

Обвинителката Гордана Смаќоска ѝ укажа на Филиповска дека на нејзина сметка прво биле префрлени 500 илјади денари, а потоа таа истите овие пари ги префрлила како позајмица на сметката на 1ТВ. На ова Филиповска беше децидна и строго одговори: „Никој мене не ми префрла пари, јас си имам свои пари и мои се парите што ги дадов“.

За патувањата и одморите на кои Стојановска одела со Јовановски, таа одговори дека оделе на викенди, не на класични одмори и дека на одмор требало да одат тогаш кога биле сопрени на граница, а Јовановски бил уапсен и тоа патување не се реализирало.

„Планиравме да одиме на одмор во Грција. Јас само што се вратив од Турција и Бојан ме покани заедно со Сергеј и Анета Кочишки да одиме на Миконос. Не знам дали ова патување било целосно платено. Можеби да, но секако јас секогаш со себе носам пари, бидејќи никој не е должен да ме чести. Бојан ми кажа дека има организирано сè, но не би знаела да кажам дали тој ќе го плател патувањето или ќе требало да му дадеме пари, бидејќи тоа никогаш не се оствари“, сведочеше пријателката на Боки.

Пред овој договор за одмор Стојановска спомена и викенд во Грција, за кој појасни дека не бил претходно договорен, туку дека случајно се сретнале со Бојан откако таа заедно со Сергеј на нивна иницијатива заминале и се сместиле во друг хотел.

„Бојан беше во Грција во ресортот ‘Данаи‘ со пријателки. Јас и Сергеј на наша иницијатива заминавме во друг хотел, а потоа добивме покана од Бојан да дојдеме во нивниот ресорт. Така и се случи, се сретнавме но, не бидејќи претходно заедно сме го испланирале ова патување“, сведочеше Стојановска.