Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според ММФ извештајот, растот на бруто општествениот производ на Македонија ќе биде 3,4 проценти што е за 0,2 насто помалку од проекцијата.
Во истиот има критики за растот на пензиите и за минималните плати, зошто е тоа така, дали заради ригидноста на ММФ кон водење една проактивна макрофинансискаполитика или можноста од дефицит во буџетото и платниот биланс, на оваа тема во „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“ говори универзитетскиот професор и економски аналитичар, Бранимир Јовановиќ.
„Растот на пензиите може да се објасни со она стандардно гледање на ММФ. Знаете дека (ММФ) IMF на шала го нарекуваат It’s Mostly Fiscal и растот на пензиите предизвикува зголемени фискални трошења и продлабочување на фискалниот дефицит и затоа ММФ се противи на тоа. Од таму секогаш бараат некој балансиран дефицит. Мојот став за пензиите и ад хок зглемувањето не беше потребно, бидејќи Владата пред година и пол направи пензиска реформа и формула за зголемување на пензиите секоја година, но во очи на изборите ова од гледна точка на политичката економија е разбирливо“- вели Бранимир Јовановиќ.
Што се однесува до минималната плата доаѓа до израз конзервативноста на ММФ. Растот на минималната плата, според Јовановиќ, е најдоброто нешто што го направи оваа Влада. Сега минималната плата изнесува 14.500 денари, а во владината програма за 2020 е наведено дека истата ќе порасне на 16.000 денари.
-Прашање што секој може да си го постави е дали може да се живее со 14.5000 денари месечно? Она што ММФ го греши во нивната анализа е дека профитабилноста на компаниите е многу висока. ММФ вели дека не треба премногу да расте минималната плата, односно онолку колку што расте продуктивноста на работниците, но заборава дека во целата приказна има и една друга компонента, а тоа е профитабилноста на фирмите. Македонските фирми се најпрофитабилни во Европа. Профитите на компаниите во оваа држава се повисоки од платите на работниците и тоа е една перверзна ситуација која не им годи на никого освен на мал број на луѓе што ги поседуваат тие фирми. Затоа сметам дека минималната плата и сите останати плати треба да растат се додека не се постигне некоја поправедна дистрибуција во тој поглед- вели Јовановиќ.
Ако ги погледнете официјалните податоци, според Јовановиќ, просечната плата во последниве три години е зголемена за скоро 3.000 денари, што значи дека дел од профитите на компаниите е редистрибуиран кај работниците, вели Јовановиќ.