Новинарка потсети дека Коби Брајант беше обвинет за силување – веднаш ја избркаа од работа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Реномираниот медиум „Вашингтон Пост“ веднаш ја суспендираше од работното место нивната новинарка Фелисија Сонмез која изјави дека добивала закани со смрт откако на Твитер објави линк до медиумски напис за судскиот случај во кој легендарниот НБА кошаркар Коби Брајант беше обвинет за силување.

Новинарката Сонмез го објави својот твит набрзо откако одекна веста за трагичната смрт на Брајант во уривањето на хеликоптер, заедно со 13-годишната ќерка Џијана и уште седум луѓе.

Уредничката на „Вашингтон Пост“ Трејси Грант во соопштение објасни дека Сонмез е суспендирана додека уредниците не одлучат дали „нејзините твитови за смртта на Коби Брајант ја прекршиле политиката на „Вашингтон Пост“ за активностите на социјалните мрежи“.

„Твитовите покажаа лоша проценка која ја поткопа работата на нашите колеги“, додаде Грант.

Потегот на „Вашингтон Пост“ го осудија некои од нејзините колеги во отворено писмо. „Наместо да ја поддржи и заштити новинарката од малтретирање, Вашингтон Пост ја суспендираше“, се наведува меѓу другото во писмото.

Самата новинарка ги избриша своите твитови откако предизвикаа силни негативни реакции. Новинарот Метју Кис објави потоа скриншотови од „простите твитови“, како што ги нарече, опоменувајќи ја новинарката дека скриншотовите се „вечни“.

Во твитот кој подоцна го избриша, Сонмез напиша: „Значи, ова ми ги отвори очите. За 10 илјади луѓе (буквално) кои коментираа и ми праќаа мејлови со навреди и закани со смрт, ве молам, потрошете време и прочитајте ја приказната – која е напишана пред повеќе од три години и која не ја напишав јас. Која било јавна личност заслужува да се сеќаваме на неа целосно, дури и ако таа јавна личност е омилена и ако таа целина е вознемирувачка. Тоа што луѓето ми одговараат со гнев и закани (иако не го напишав јас написот, но сметам дека е добро напишан) зборува многу за притисокот под кој луѓето се наоѓаат да останат тивки во ваквите ситуации“.

Написот што го сподели е објавен на порталот „Дејли Бист“ во 2016 со наслов „Вознемирувачкиот случај на судењето на Коби Брајант за силување: ДНК докази, приказната на жената што го обвини и делумното признание“.

Станува збор за случај стар 17 години во кој Брајант беше обвинет за сексуален напад, но тогаш 19-годишната девојка на крајот одби да сведочи на суд. Откако за време на судењето беше објавено нејзиното име, таа добила закани со смрт. Адвокатите на Брајант, освен нејзиниот идентитет, изнесуваа податоци за нејзиното сексуално минато и психијатриско лекување за да ја претстават како неверодостојна.

Брајант цврсто ги отфрлаше обвинувањата, а на почетокот негираше и дека имал каков било контакт со девојката што го обвини, но го смени исказот кога полицијата го соочи со ДНК докази дека имал полов однос со неа и дека тој однос бил насилен – нејзината крв на негова маица и повредите кои ги имала на вратот и гениталиите.

Брајант на крајот се извини и го реши случајот со спогодба надвор од судот – според гласините, со отштета од 2,5 милиони долари. Неговата предвремена трагична смрт, меѓу сите негови блескави успеси и подвизи во спортската кариера и животот генерално, ја извлече на површина и приказната за силувањето.

Коби Брајант беше еден од најдобрите кошаркари во историјата, освои пет шампионски НБА титули и два златни олимписки медала.