Спасовски: Институциите треба да продолжат да функцинираат нормално


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Техиничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција посочи дека очекува уште денеска да се реши проблемот што се создаде во МВР, откако техничкиот министер Наќе Чулев испрати телеграма со која ги укина наредбите на неговиот претходник, па се создаде хаос низ единиците во министерството.

Спасовски смета дека за граѓаните не е важно кој какви возила вози, туку институциите да бидат функционални и да нема сериозни закани врз безбедноста.

„Треба да се внимава во МВР, бидејќи не смее да имаме сериозни закани врз безбедноста или тоа да го предизвикаат одредени постапки, па да се создаде нестабилна ситуација. Ако се создаде хаос, тоа ќе биде поради лични интереси. Очекувам недоразбирањата да бидат надминати. Недоволното познавање на тоа што се носи како одлука доведува до ваква ситуација. Не треба да ги заморуваме граѓаните со тоа кој какви возила има, туку напротив, тие треба да седнат, да разговараат и да ги решат прашањата. За нас е поважно да се одржи безбедноста. Сметам дека задачата што ја добил директорот на БЈБ, да ја согледа состојбата по телеграмата со која се укинаа сите наредби, што, пак, сметам дека не е најисправниот модел, ќе заврши уште денеска во МВР. Ова не е обезбедувањето од времето додека бев министер за внатрешни работи, тоа е зголемено според уредбите, но тие се луѓе кои јас ги избрав“, посочи Спасовски.

Тој посочи дека примарна задача на Владата е да обезбеди нормално функционирање на институциите и работите да имаат нормален тек, а сè надвор од тоа е слободно толкување на законите.

„Институциите треба да продолжат да функцинираат нормално и да испорачаат услуги на граѓаните. Ние знаеме дека примарна задача на оваа Влада е да продолжи функционирањето на институциите, а втората е да се организираат избори. Треба да има нормален тек на работите. Сè што е надвор од ова е самоволно толкување на законите“, кажа Спасовски.