Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Кандидатот на опозициската СДП, Зоран Милановиќ, е новиот претседател на Хрватска според неофицијалните резутати од обработени над 99 отсто од гласачките места, пренесуваат хрватските медиуми.
Милановиќ има предност пред досегашната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ од речиси 100.000 гласови.
Владејачката партија ХДЗ го призна поразот, додека опозициската СДП го слави новиот претседател.
Според резултатите на државната изборна комисија, врз основа на 99,54 отсто обработени гласачки места, Милановиќ освои 52,69 отсто од гласовите или околу 1.030.000, а Грабар Китаровиќ 47,31 отсто или околу 926.000 гласа.
Кандидатот на СДП ја победи кандидатката на ХДЗ во најголемите хрватски градови – Загреб, Сплит, Риека и Осиек.
На вториот круг од изборите излегоа 54,97 гласачи од вкупно 3,9 милиони граѓани со право на глас.
Новиот претседател на Хрватска е роден во Загреб во 1966 година каде што дипломирал право. Работел во министерството за надворешни и европски работи во текот на 1990-тите, а по смртта на Ивица Рачан во 2007 беше избран за претседател на СДП, водечката партија од левиот центар во Хрватска.
Коалициската влада на левиот центар ја водеше од крајот на 2011 до почетокот на 2016. По губењето на парламентарните избори кога не успеа да формира влада, поднесе оставка на позицијата претседател на партијата и се посвети на приватниот бизнис.
Кампањата ја водеше под слоганот „Нормално, претседател со карактер“ истакнувајќи дека ќе се бори против неправдата, насилството, корупцијата, ќе ги штити послабите и човековите права и дека ќе се залага за рамноправност на сите граѓани.
Милановиќ ќе ја преземе претседателската функција на 18 февруари.