Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека бонусите на бившите специјални јавни обвинители од страна на надлежните институции се истражуваат со брзина на светлината, што не беше случај со истрагите кои ги водеше СЈО.
Таа објасни дека висината на надоместоците се определуваше со одлука од страна специјалниот јавен обвинител и од прилика секој обвинител примил по околу 22.000 евра годишно, како надоместок, што не е многу далеку од примањата што ги имаат за патни трошоци некои пратеници во нашата држава.
Платата на обвинителите во СЈО изнесуваше 1.300 евра што беше за 300 евра повисока од платата на другите обвинители, изјави обвинителката Фетаи.
„По однос на висината на надоместоците, можете малку да истражите колку се примањата на специјалните обвинители во земјите од регионот и ќе видите дека тие не многу поразлични од оние примања коишто ние ги имавме како специјални обвинители“, рече Фетаи.
Фетаи денеска пред рочиштето за случајот Монструм рече дека предметите кои се во фаза на истрага седат во кутии и обвинителите наместо да си ја работат работата станале магационери и архивари, а поради тоа некои лица наместо да седат во обвинителна клупа, делат правни совети.
„Целта на преземањето на предметите беше да нема застој, а истрагите седат во кутии и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Буквално, ние сме само магационери и архивари на предметите што се во фаза на истраги, а има истраги кои се готови, спремни за обвиненија. Конкретно зборувам за „Моќник“ и осомниченото лице Антонијо Милошоски, кој место да си спрема одбрана за во судница, доколку се разбира ни беа поделени предметите, тој излегува по медиуми и дели правни совети“, изјави Фетаи пред денешното судење за „Монструм“.