Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Драганчо Стоименов, бивш телохранител на Сашо Мијалков, меѓу народот попознат како Дацо Белски, избегал од домашен притвор. Тоа го потврдија органите на МВР откако полицијата во текот на вчерашниот ден не го нашла во домот каде што требало да биде.
„На Драганчо Стоименов судот му одредил мерка куќен притвор и според надлежноста полицијата неколку пати во текот на денот прави проверки. При последната проверката извршена вчера е констатирано дека лицето не е дома односно не ја почитува мерката на судот и за тоа веднаш е известен судот. По наредба на судот веднаш се преземени мерки и активности за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.
Стоименов по три месеци во бегство, во април годинава им се предаде на органите на прогонот по случајот со пукањето во Драган Здравев во угостителскиот објект „Аква” во Кочани и неговото ранување. Стоименов во јануари стрелаше и го рани 33-годишниот Драган Здравев – Дач, во кафеана во Кочани.
Тој на македонската јавност ѝ е познат и по случајот Детонатор, во којшто беше клучен сведок, а во кој за рекетарство, перење пари, поставување бомби и нелегални покер апарати на обвинителната клупа седнаа 16 лица од Кочани и Виница. Тоа беше повод и да се сменат вкупно 13 полициски командири, меѓу кои и тогашниот началник на СВР-Штип.