Уште Франција, Холандија и Шпанија нè делат од прием во НАТО


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Уште ратификациите од Шпанија, Франција и Холандија на Протоколот за членство ја делат Македонија од прием во НАТО. Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, досега безусловно дадоа зелено светло земјава да се приклучи во Алијансата.

Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија и Шпанија. Вчера попладне Парламентот на Исланд го ратификуваше Протоколот за нашето членство во НАТО, што е 26-та ратификација.

Францускиот Сенат минатата недела го усвои во прво читање предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Останува документот да биде ратификуван и од Националното собрание при второто читање.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вчера рече дека ратификацијата е во тек и процедурата треба да биде завршена до крајот на ноември или на почетокот на декември.

– Процесот на ратификација го следи својот тек, нема никаков проблем во однос на тоа затоа што двата дома на Парламентот се брзи, но последната етапа треба да се случи на 21 ноември. Финалниот инструмент за ратификација, односно конечниот завршок на процесот се случува во Вашингтон, во согласност со Вашингтонскиот договор, во текот на јануари. Тоа значи дека нашите процедури ќе бидат завршени до крајот на ноември или на почетокот на декември – рече амбасадорот Тимоние, прашан дали е можен уште еден шок од Франција и во однос на НАТО и евентуално непотпишување на протоколот за прием во Алијансата отфрлајќи секаква можност за тоа.

Очекувањата беа дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.

Засега е неизвесно дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку сѐ помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.