Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Во повторената судска постапка за случајот „Триста“, откако предметот во Кривичен беше вратен од Апелација, бившио помошник министер за јавни набавки при Министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, повторно е осуден на 9 години затвор. Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска му ја одреди истата пресуда која Поповски ја доби во првата постапка пред овој суд за предметот на СЈО.
Поповски е осуден за набавката на 300 возила во МВР, набавка со која, според пресудата, и нанел штета на државата во износ од 453.569 евра. Осудениот поранешен функционер од МВР сега ќе мора да ја надомести штетата што ја нанел на државата, но и да ги плати судските трошоци од постапката.
При соопштување на пресудата судијката Кацарска посочи дека неговата вина е во тоа што не го отфрлил предлогот на Комисијата при МВР, кој бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки, и со кој не бил запазен критериумот за најповолна понуда.
„Обвинетиот Ѓоко Поповски не можел, а да не знае, кои се економски најповолните понуди. Ги повластил економските оператори „Порше“, „Кадие“, „Бохемија“, „Колевски“ и „Автокуќа“ и извршил избор на понуди иако понудите не биле утврдени како економски најповолни. Тој требало домаќински да се однесува како помошник министер во МВР, а не да дозволи да се нанесе штета од големи размери за државата. Морал да биде свесен дека незаконито се трошат парите на државните обврзници“ – рече Кацарска.
Таа додаде дека целосно се исполнети елементите на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, а против државниот интерес.
На Поповрски во отслужување на казната ќе му биде засметано и времето поминато во притвор.