Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Вечер, со почеток во 19 часот, во Ликовниот салон на Македонската академија на науки и уметности, по повод 200 години од раѓањето на Дичо Зограф (1819-2019), ќе биде отворена излжба на икони кои се дело на неговата уметнички префинета рака.
Изложбата ќе ја отворат претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, и Сашо Цветковски, научен советник од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.
„Изложбата, која ќе биде отворена до 26 октомври, ќе содржи 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци. Некои од нив се празнични икони, ќе има и престолни икони, царски двери, а некои се и поатрактивни, како кивотот за мошти од Бигорскиот манастир и литискиот бајрак од црквата од Росоки. Се трудевме да ги покриеме сите сегменти каде што дејствувал Дичо Зограф. Тој сликал големи, монументални иконостаси, но и икони на платно“ – посочи меѓу другото деновиве Сашо Цветковски, долгогодишен истражувач на творештвото на Дичо Зограф, Димитрија Дичо Крстевич од Тресонче, сметајќи го за најпознат и најдаровит зограф на 19, кој станува предводник на дебарско-мијачките зографи, една од последните автентични традиционални школи на просторот на Македонија.
„Дичо Зограф за нецели три децении, помеѓу 1840 и 1868 година, остварува импозантно дело со приближно две илјади икони и десетина фрескоансамбли, облагородено со автентична креативност, симбиоза на традиционалното и новото, традиционалното поствизантиско и новото, современото барокно сликарство“ – истакна Цветковски.
Тој укажува дека Дичо и неговата школа дејствувале не само на просторот на сегашната држава Македонија туку и во околните држави, дека тој не бил само зограф туку и конзерватор на постари икони, дека поправал, но и досликувал икони и така се грижел за она што била некогашна традиција во малореканските цркви. Икони на Дичо Зограф досега се идентификувани и во Грција, Албанија, Србија и во Бугарија. Постојат сознанија дека во Бугарија има над 200 негови икони, дека има и на Косово, но загрижуваат фактите дека во изминатите години од Македонија се изнесени над 100 такви вредни дела на Дичо Зограф. Во овој период, иако неговото творештво се истражува посистематски, сепак сѐ уште конзервацијата и заштитата на неговите дела се на многу ниско ниво.
„Овој многу значаен настан, 200 години од раѓањето на Дичо Зограф, го организираме заедно со Македонската православна црква, со која имаме извонредно добра соработка. Постои една заедничка црта во мисиите на Македонската православна црква и на Македонската академија на науките и уметностите, грижата за културното наследство, неговото зачувување, заштита и афирмација во земјата и во странство. Јас мислам дека еден доминантен дел, 80 проценти од нашето културно наследство е најдиректно врзано со нашата православна црква“ – изјави меѓу другото претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Според него, државата генерално не води доволно сметка за иконите, потсетувајќи дека дваесет икони од земјава веќе се однесени во Албанија.
„Имаме голема можност и поддршка од црквата тие икони да ги вратиме. Освен оваа изложба за Дичо Зограф, утре ќе се одржи и нему посветен меѓународен научен собир. Треба да се нагласи дека него го почитуваат не само историчарите туку и историчарите на уметноста од соседните земји. Неговите икони се импресивни, тие воодушевуваат, тоа е голема уметност“ – рече претседателот на МАНУ.
Извор: Нова Македонија