Во Луксембург не добивме датум за преговори, последна надеж Брисел – Хан им се извини на Македонците


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако завчера немаше успех во преговорите меѓу амбасадорите, вчера во Луксембург министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија не постигнаа согласност околу определувањето датум за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија.

Тешка и напорна дебата. Вака шефицата на финската дипломатија, земја која престседава со Унијата, ја опиша дискусијата на министрите. Според неа, неколку земји се колебале за одлуката, а една била строго против за отворање пристапни преговори.

Негативната одлука за Македонија значи дека сега прашањето за отворање преговори се префрла кај шефовите на држави и влади на ЕУ, кои ќе се состанат в четврток и петок во Брисел. Еврокомесарот за проширување Хан е оптимист дека лидерите на земјите членки ќе донесат правилна одлука, иако признава, ова не е ден за гордеење.

,,Сакам рандевуа, но не како ова денеска, ова не беше славен ден за ЕУ, не обвинувам никого… Сега работата е кај Европскиот совет. Денеска договор не беше можен, но огромно мнозинство членки поддржаа старт на преговори, не за првпат, туку за третпат за 16 месеци”, изјави еврокомесарот Јоханес Хан на прес-конференцијата по завршувањето на Советот за општи работи.

Според Хан, Македонија, па и Албанија ја завршиле домашната задача и презеле болни и долги реформи и затоа сега Европа е таа која треба да возврати.

,,Зборуваме за тамошните граѓани, тие имаат сништа и надежи и ние за нив треба да работиме, а не работиме за интересите на политичарите. Сакам да им се извинам на граѓаните зашто не успеавме да дојдеме до решение” – порача Хан кој, како што вели, се уште има надеж и оптимизам дека врвот на Унијата на состаноците в четврток и в петок ќе ги преземе потребните чекори за враќање на кредибилитетот на ЕУ. Во спротивно, според него, некои други играчи ќе се вмешаат во Западен Балкан и ќе бидат поуспешни од Унијата.

Со вчерашната одлука на министерско ниво, станува јасно дека Франција цврсто инсистира на предлогот за реформа на процесот за прием на нови членки во Европската унија, пред каква била одлука за почеток на преговори со нови земји кандидатки.

Официјален Париз, поддржан од неколку земји го одбил и финскиот нацрт-заклучок, кој беше последен обид да обезбеди датум за двете земји. Предлогот предвидуваше отворање на преговори и паралелно воведување нова методологија.

Пред почетокот на дискусијата, својата воздржаност ја покажа и Холандија која инсистираше на моментот со Јавното обвинителство.

Според досегашните искуства, тешко е дека на седницата на Европскиот совет ќе дојде до позитивна одлука за Македонија, иако ова е прв пат одлуката за преговори да стигне до седница на Советот. Главна тема на која европските лидери ќе разговараат в четврток и петок според најавите ќе бидат Брегзит и војната во Сирија.