Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Германската канцеларка Ангела Меркел, на работна вечера со претседателот на Франција, Емануел Макрон, ќе се обиде да го убеди да даде зелено светло за добивање датум за почнување на преговорите на Македонија со Европската унија.
Двајцата лидери се обидуваат да најдат решение на работна вечера, за која германските медиуми оценуваат дека е последен обид Берлин да го убеди Париз дека Македонија и Албанија заслужуваат датум за почеток на преговорите.
Иако македонскиот премиер Заев е оптимист и вели дека Западот ќе ќе го испочитува дадениот збор, неговиот албански колега, Еди Рама е песимист.
Тој за весникот „Ајриш тајмс“ рече дека Албанија е жртва на поделеност во ЕУ.
-Нема многу причини за да се биде оптимист со оглед на тоа што се случува во Европа денес. Оптимист сум за иднината на земјата, но не за тоа што ќе се случи следната недела. Ние сме колатерална штета. Кога имам бомбардирање некаде и е погодена градинка – ние сме градинката, објаснува Рама.
Германската агенција ДПА пишува дека Македонија и Албанија ги исполниле сите услови и дека евентуална блоката ќе биде горчлива, особено за земјава поради промената на уставното име.
Франција сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ. Но Германија не се согласува со овој потег. Според германските медиуми, ставот на Берлин го делат и многу други земји-членки на ЕУ. Претседателот на австрискиот парламент Волфганг Соботка веќе истакна дека секој кој го блокира почетокот на пристапните преговори со двете земји го загрозува европскиот курс на регионот и штети на кредибилитетот на Унијата.
На 17 и 18 октомври ќе се одржи Европскиот совет, каде земјите-членки ќе треба да одлучат дали Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Освен идното проширување на Унијата, тема на средбата Меркел-Макрон ќе биде и Брегзит.