Истражната постапка за „Рекет“ во завршна фаза – за брзо ќе се знае иднината на случајот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Иако на државно ниво, овој 15 октомври е важен заради тоа што на тој ден Македонија ќе ја чека одлуката на министрите на ЕУ за доделување датум за преговори за членство во Унијата.

Но за Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, овој ден ќе има друго значење. Тие ќе ја чекаат одлуката на Јавното обвинителство, кое до тогаш ќе треба да одлучи дали ќе покрене обвинение за случајот „Рекет“ и тројцата инволвирани од осомничени ќе станат обвинети.

Катица Јанева во притворот во Шутка се уште се мисли дали да даде исказ во Јавното обвинителство. Нејзините двајца адвокати велат дека е неизвесно дали таа ќе сведочи пред обвинителката Вилма Рускоска. Тие засега не добиле инструкции од екс специјалната обвинителка како да постапат во рамки на истрагата, но велат дека работат на нејзината одбраната, за која не можат да откријат детали.

„Во вторник или во среда ќе одлучиме што ќе правиме. На 10 октомври истекува рокот кога треба да приложиме докази од нашата страна и дали Катица Јанева ќе даде исказ или не“, велат од одбраната.

Премиерот Зоран Заев очекува конечно да се покрене обвинение за случајот „Рекет“.

„До 15-ти октомври поминуваат 90 дена од истрагата, што очекувам да заврши со обвинение, а граѓаните да ја знаат целата вистина. Ова ќе го охрабри судството да продолжи да одлучува, само врз основа на Уставот и законот и на сопствено убедување.“ – изјави Зоран Заев.

Од опозицијата, пак, велат дека не се оптимисти и не очекуваат правдата во земјата да биде задоволена. На 15 јули на граничниот премин Богородица беше уапсен Бојан Јовановски, а подоцна во Скопје и Зоран Милевски Кичеец, поради сомнение дека изнудиле повеќе од 1 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, ветувајќи дека ќе ја запрат истрагата против него што ја отвори СЈО. Катица Јанева беше приведена на 21 август под сомнение дека ги злоупотребила службената положба и овластувања.