Музички плагијати: Дали е можно Нирвана да краделе музика од Парни Ваљак?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Кога на Балканот ќе падне муабет за плагијат во контекст на музика, приказната најчесто почнува со „ова нашиве го имаат украдено од тие и тие“. Независно дали станува збор за рок, рап или друг вид на забавна музика, плагијатите се камен темелник на многу големи хитови на балканската музичка сцена.

Сепак, кога станува збор за крадење музика, не смееме да бидеме претерано критични кон балканските музичари и да ги величаме и идеализираме по секоја цена само светските. Било да станува збор за Ролинг Стоунс, Битлс, Рејдиохед или Ријана, никој не е имун на копирање, било да е тоа направено намерно или случајно.

Постои една стара изрека од класичниот музички гениј Игор Стравински: „Добрите композитори не позајмуваат, тие крадат“. И има огромна вистина во тоа, до која се држат многу славни музички ѕвезди.

Ќе земеме еден ептен еклатантен и очигледен пример на претерано совпаѓање на музиката меѓу две големи музички имиња – едно од балкански, едно од светски рамки. Станува збор за Парни Ваљак и Нирвана. И не, тука не станува збор за тврдење дека Парни Ваљак краделе од Нирвана, туку обратно. Или барем има голема основа за таков евентуален сомнеж.

Поконкретно, станува збор за песните „Hrast“ од Парни Ваљак издадена во 1979 година и „About A Girl“ од Нирвана издадена десет години подоцна, во 1989 година.

Некои веднаш ќе речат дека е речиси научна фантастика теоријата дека Нирвана би краделе музика од Парни Ваљак. Но, сличноста меѓу овие две „траки“ е повеќе од реална. Од друга страна, ако малку подлабоко навлезете во историјата на нештата, не е толку неверојатно дека басистот на Нирвана, Крист Новоселик (на хрватски Крист Новоселиќ) во текот на некоја негова посета на неговите баба и дедо, кои живееле во Хрватска, да ја слушнал „Hrast“ и мелодијата да му се врежала во сеќавање.

Инаку, официјалната верзија е дека „About A Girl“ Курт Кобејн ја напишал под влијание на Битлс. Како и да е, сличноста е претерано евидентна. Вистината, каква и да е, некој мора да ја знае.