Новачевски со закана до Дончев: Имаш пет дена да ги докажеш тврдењата, потоа ти следи тужба


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кумот на бившиот премиер Никола Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, јавно излезе со демант по повод изнесените тврдења од страна на директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, откако претходно Дончев на прес-конференција во врска со случајот со издавање под концесија со центрите за дијализа и фирмата „Диамед“ го спомна неговото име во сомнителните активности на оваа фирмата, пренесува Плус Инфо.

Новачевски му дава рок од пет дена на Дончев да ги документира тврдењата што ги изнесе на прес-конференција. Во спротивно најави тужба против него.

Подолу ја имате интегралната верзија на демантот од Новачевски.

„Со оваа информација сакам да ги демантирам небулозните тврдења на г-динот Ден Дончев директор на Фондот за здравство изнесени на прес-конференција во Владата на РМ на ден 20.09.2019, а се со цел дискредитирање на мојата личност.

Ќе се обидам да бидам што е можно пократок, со оглед дека целиот прес беше исполнет со лаги и глупости, кои ја докажуваат неговата неспособност за водење на функцијата која му е доверена.

Г-дине Дончев:

Тврдите дека од 2014-2017 година ми биле исплатени: 10.000.000 ден. во плати, 17.000.000 ден разни надиоместоци, 9.000.000 ден готовински исплати и 12.000.000 денари сум подигнал од банкомат. – Вистината е дека од 2014-2017 ми се исплатени 17.503.090ден. по основ на плати и бонуси за успешно работење, за кои уредно сум ги платил сите давачки кон државата. Службената картичка никогаш не била употребена од мене. Со ова се подразбира дека никогаш немам подигнато било какви средства од таа службена картичка. Исто така не ми е исплатен ниту денар од касата на фирмата.
Тврдите дека г-ѓата Вера Иванова не е вистинскиот сопственик на „Дијамед-Македонија“ и на фирмите ко-сопственици и се сомневате дека вистинскиот сопственик сум јас, односно преку мене експремиерот г-дин Никола Груевски. – Вистината е дека г-ѓата Вера Иванова јавно изјави во медиумите дека таа е единствен сопственик на “Дијамед Македонија” и сите фирми поврзани со неа. Исто така откако “Диаверум” ги уплати парите на сметките, Г-ѓата Вера Иванова поднела пријава до УЈП за плаќање на данок на приход, остварен по основ на продадени удели, а на 14.11.2018г. УЈП и издава решение за плаќање данок.

Тврдите дека истиот ден кога биле исплатени средствата на сметката, јас сум отворил сметка во истата банка. – Вистината е дека сметката е отворена на 18.03.2018г. во време кога Вие веќе ги пишманевте и избркавте “Диаверум”. Целта на отворање на сметката беше планотна г-ѓата Вера Иванова да инвестира во странски проекти и притоа да бидам повторно ангажиран од нејзина страна. Откако Г-ѓата Вера Ивановаувиде дека проблемите со Вас ќе и бидат долгорочни и ќе и пропаднат бизнис плановите за развој, надвор од границите на РМ, некаде околу Април/Мај 2019 ја затворив мојата с-ка , која впрочем воопшто не беше активирана со ниту една трансакција. Ако таа с-ка беше отворена со намерата за која што Вие тврдите, ќе ја употребев уште истиот ден кога парите се префрлени -без никаков проблем.
Ова се вистините и одговорите на Вашите лажни обвинувања. Сега имате 5 дена да ги документирате Вашите тврдења или да ми се извините пред целата македонска јавност со ист интензитет со кој што ме обвинивте, во спротивно следува тужба.

Имам едно прашање до Вас како чувар на парите на македонските здравствени осугуреници. Објаснете зошто откако им “укажавте” на инвеститорите од шведски „Диаверум” дека се работи за криминален тендер и сомнителна фирма која го добила, ќе вршите ревизија на целиот процес, дека ќе има истрага и сл. Наместо да го поништите таквиот тендер, доколку тоа навистина било така не поднесовте тужба пред судот во Париз. Наместо тоа Вие предвремено исплативте 4 или 5 ф-ри во износ од околу 3,000.000 евра на „криминалната” фирма „Дијамед-Македонија” и со тоа го оштетивте буџетот на РМ. Да повторам 3,000.000 евра во време кога Ви протестираа специјализанти и доктори за договори и повисоки плати.Тогаш кога мајки ви плачеа за пари за лекување на своите деца во странство, кога се бараа повеќе финансии за луѓето со ретки болести итн. Дали со оглед на сите Ваши тврдења дека зад фирмата „Дијамед-Македонија” стои г-динот Груевски, Вие впрочем трите милиони евра свесно му ги префрливте нему, а глумите омраза кон него или можеби нешто друго Ви било мотив за да го сторите тоа.

Г-дине Дончев, знаете ли што е единствено очигледно?

Очигледно е дека Вие сте единствениот печалбар во обратна насока. Дојден од Австралија во Македонија. Најверојатно Ви се погоди првата печалба, па решивте повторно да се вратите“.