Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Инсајдерски“ извори од од затворот во Шутка тврдат дека во однос на правилата на однесување во ќелиите и во рамки на целосниот комплекс од казнено-поправната установа се идентични за сите, без оглед што самите услови за престој се многу подобри во популарните хашки ќелии каде што е сместен првоосомничениот од аферата „Рекет“, Бојан Јовановски, пренесува Независен.
„Адвокатот на притворените може да дојде кога сака и без надзор да има средба со својот клиент. Истото може да го направи и народниот правобранител. Вештаците или невропсихијатрите можат да дојдат само со дозвола од судија на претходна постапка. Истото важи и кога притвореникот сака да потпише полномоштво. Тоа може да го стори исклучиво со дозвола од судијата. Што се однесува до посетите на роднините – и тие одат со претходно барање и вообичаено им се дозволува средба со својот близок на секои две недели. Во затворот во Шутка имаме лекар и бербер, притворениците можат да одат на преглед, односно на потстрижување или други третмани на косата. По барање на адвокатот на притвореникот или по сугестија на докторот во затворот, можно е притвореното лице да оди на лекарски преглед или интервенција на скопските клиники“, објаснуваат нашите извори во Шутка.
Во круговите блиски до опозицијата и натаму се шири сомнеж дали Јанева воопшто е сместена во затвор или е скриена на безбедни места околу Скопје од каде што потоа се пренесува и се враќа до судот или обвинителството кога има потреба. Од затворот „Скопје“ велат дека тоа се глупости. Слични дилеми, на пример, се отвораа и околу притворот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Јанева е сместена во посебна ќелија и има цимерка. За неа немаше место во хашките ќелии затоа што таму е сместен Јовановски. Тие двајца како осомничени во случајот „Рекет“ не смеат да бидат заедно во ниту еден момент. Во затворот се внимава и обвинителката да не биде мета на провокации кај другите притвореници и затвореници.