Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Главна тема на средбата на македонскиот и грчкиот премиер во Њујорк, Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис, беше имплементацијата на Преспанскиот договор, како клучен фактор за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Македонија.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му кажал на македонскиот премиер Зоран Заев дека никогаш не би го потпишал Договорот од Преспа, пишува грчкиот весник Катимерини, повикувајќи се на извори на грчката државна новинска агенција.
Но, кога е ратификуван во грчкиот парламент, Договорот сега е дел од меѓународното право и грчката влада ќе го почитува, пишува Катимерини по првата средба на Мицотакис со Заев, што се одржа попладнево во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
Мицотакис, како што пишува Катимерини, го повикал Заев да го исполнни целосно Договорот за името, особено делот што се однесува на заштитата на трговските марки.
Македонската влада, пак, соопшти дека Мицотакис и дал поддршка на Македонија за отварање преговори со Европската унија.
На средбата, Мицотакис му кажал на Заев дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа, е клучна за унапредување на односите и за обезбедување на европската перспектива за Македонија.
Од владата велат дека на средбата беше заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена, и директните инвестиции се од заемна корист за сите граѓани од двете држави.
Заев му кажал на Мицотакис дека владата е подготвена за целосно спроведување на акцискиот план за збогатување на соработката меѓу двете држави, како што е предвидено со Договорот од Преспа.