Како во приказните: Крадец во Неготино „сам себеси се гонел“ заедно со полицијата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Трагикомична ситуација со примеси на криминал, оти се случила кражба, се одвивала во вчерашните пладневни часови во Неготино. Итар и префригран арамија, кој обил едно возило и извршил грабеж на истото, си поиграл со газдата на ограбениот автомобил и полицијата, барајќи го со нив заедно крадецот кој ја ограбил колата, пренесува Фокус.

Настанот се случил кога Ј.А. забележал дека на неговиот автомобил кој што бил паркиран пред фирмата во која што работи му бил скршен прозорецот, а внатрешноста била испретурана, при што му биле украдени повеќе предмети.

Златната нараквица, која ја чувал во касетата на колата додека работел, парфем и други предмети со помала вредност биле одземени за време на дрската кражба која што се случила среде бел ден. Тој забележал маж на околу 30-годишна возраст во близина, кој сам притрчал да му понуди помош, кажувајќи му дека знае кој е крадецот.

-Од Кавадарци сум, сега пред малку дојдов тука со колата, еве нешто не ми пали, не можам да тргнам. Со мене дојде еден човек, го качив автостоп од Кавадарци, до тука го возев, ми беше сомнителен, сигурен сум дека тој ти ја ограбил колата – му појаснил кавадарчанецот на оштетениот.

Тогаш од фирмата излегле и колегите на оштетениот, повикале и полиција.

Кавадарчанецот започнал да им кажува како било облечено сомнителното лице кое наводно го качил додека стопирало, па сите заедно започнале да го бараат.

Дал опис на облеката, на физиономијата, дури и загрижено коментирал на глас – Каде ли само заминал, знам дека е тој, натаму да не отиде, чекај да го бараме заедно…

Потрагата по автостоперот – фантом траела околу половина час, а кавадарчанецот започнал да им станува сомнителен на присутните. Во неколку наврати додека траела потрагата се обидел да го стартува својот автомобил и да си замине, но автомобилот едноставно никако не можел да тргне поради дефект.

Тогаш полицајците кои дошле на увид решиле да го претресат. Внатре, во неговиот автомобил ги пронашле украдените предмети од колата на Ј.А. и со лисици на рацете го привеле.