Груевски: Денес одекна најсилната бомба! Власта ја рушеле со монтирани снимки!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По повод последниот исказ на Верушевски, дека бомбите кои ги пушташе опозицијата биле компромитирани и модифицирани (прочитајте овде), со свој Фејсбук статус се јави поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Полека, но сигурно вистината испловува…
Кога се појавија “бомбите” во 2015 година објавивме дека не се автентични и целовити односно дека отпосле во нив се вршеле интервенции. Медиумите, новинарите, аналитичарите и хејтерите кои го подржуваа СДСМ се мајтапеа со фразата “сечени, лепени, прелепувани и монтирани”. Можеби од маркетиншки аспект тие изрази не беа најдобро избрани, но беа вистината.

Мислам, дека и голем дел од неутралните, а дел и од нашите подржувачи, или кратко кажано дел од јавноста, со сомнеж гледаа на тие наши соопштенија и изјави.

Денес тие кои ги подготвуваа и лансираа истите, јавно, во медиуми, дел од нив и во суд го потврдуваат тоа.
Знам дека на дел од таа јавност не и беше доволно кога ние го тврдевме истото.

“Не и се вклучи сијалицата” ни кога судиите, како никаде во светот го одбија нашето барање, самиот суд да ангажира вештаци и да се изврши вештачење на автентичноста, веродостојноста и особено целовитоста на нелегално прибавените аудио снимки. Нели е малку чудно, да имаш нелегално прибавени докази, кои си ги добил како копии, а не како оргинал и да не сакаш, ниту да побараш да се споредат со оргиналот за да се увериш дека нема манипулација, ниту на тој начин да се вештачи нивната целовитост, автентичност и веродостојност.
Самиот сведок на СЈО, Ѕвонко Костовски во судот кажа дека ги “копирал” на ЦДа и ги испорачувал понатаму. Кој нормален судија во светот особено за вакви случаи би си дозволил таков пропуст, освен уценет, заплашен или притиснат судија од режимот на власта?

Кога ние самите како неправедно обвинети ангажиравме лиценциран вештак за ваков вид проблематика и го доставивме до судијаката Кацарска, таа одби да го прифати како доказ, како што одби таа самата по нејзин избор да ангажира таков вештак, кого сака.
Нели тоа беше чудно?

Потоа, веројатно по некоја грешка или момент на слаба концетрација од секојдневно преслушување аудио матерјали, на оној Ел Чека кој не крие дека неизмерно ме мрази, му излета една снимка од разговор кој траеше околу 12 минути, а поврзана со случајот Мартин Нешковски и од кој за разлика од кратениот и монтиран разговор кој го пушташе Заев, јасно се разбира дека воопшто не сме сакале да прикриваме убиство. Напротив, обратно е. Но и тоа, за многу луѓе не беше доволно.

Следуваше изјавата на Заев, кој правдајќи го претходното од Ел Чека, јавно си призна дека разговорите кои ги добил биле долги, па тој морал да ги крати. И така, при кратењето, на пример во онаа за Мартин Нешковски, наместо народот да разбере дека сме правеле се што било во наша моќ и не сме се согласувале со прикривање, тој народ слушајќи ја “вешто скратената”верзија на Заев се собра пред владата со желба да не линчува, па притоа 40 полицајци завршија во болница, а ниту еден од оние кои ги нападнаа.
И сега конечно, помалку неочекувано, за многумина “неверници и оние кои свесно одбиваат да веруваат” дојде сведочењето на Зоран Верушевски, во кое тој самиот кажува дека аудио снимките биле сериозно сменети, или како што кажа “модифицирани и компромитирани” од оние кои тој му ги предал на Заев.
Е ова е “бомба”. Поголема од сите досега.
Ова е најсилната “бомба”!!!

Извршителите на целата операција јавно и во суд потврдуваат дека владата на ВМРО-ДПМНЕ беше компромитирана, а потоа и покрај победата од страната на власта, а стотици поединци судени, осудени, притворани, претресувани, жигосани, оцрнети, компромитирани со не само нелегално прибавени аудио снимки односно копии од такви снимки, туку и сериозно едитирани, модифицирани и компромитирани, или… пак ќе се вратиме на поранешната фраза која исплива на површина како и секоја вистина: сечени, лепени, прелепувани и монтирани.

Секако, дел од таа јавност повторно нема да се согласи со ова и ќе продолжи да не напаѓа и обвинува, особено мене. И тоа е во ред. Нека тераат како што сакаат. Демократија е нели, па секој може што сака да коментира.

Но, вистинското прашање е, како после ова ќе се однесуваат судиите, како оние во Кривичниот суд, така и во Апелациониот и во Врховниот суд. Независно “кој чив е” и за кого е. Кој кого сака или мрзи, политички или било како (алудирам на судии блиски до СДСМ). Независно кој ги притиска, им се заканува, ги уценува или ги поткупува со ветени унапредувања, вработувања на луѓе од нивното семејство или верувања дека ќе ја поделат со нив паричната штета која би ја добиле, а која нетреба да ја добијат.

На Заев воопшто нема да му е гајле за нив кога ќе биде сменет од премиер. Тој ќе гледа како себе да се спаси од злоделата кои и ги направи на Македонија и на многу луѓе кои ги гледаше како пречка на патот во реализација на неговите валкани цели.

Нему во моментот единствено важно му е да остане на власт на изборите по една година. Затоа и го направи ова со незаконското префрлање предмети од СЈО во ОЈО. Веќе предметите го води неовластен тужител. СЈО правно формално сеуште постои и се е незаконски направено. Мислите дека тој не знае дека ова е незаконски и дека еден ден ќе падне? Знае! Но сега му е важно во следните 10 месеци, СЈО односно ОЈО, како и судиите и оние нивни совети, да ги искористи за да остане на власт преку нови прогони, затворски казни, нови обвиненија, притвори, претреси, спектакли, диктирање теми во медиумите и јавноста кои ќе оцрнуваат поширок круг од неговите политички противници, а се во правец на задржување на својата политичка моќ по следните парламентарни избори.

Тој е свесен дека откако ќе падне и со тоа откако ќе исчезне неговиот притисок, уцена, закана а некаде и поткуп кон обвинителствата и судството, има десетици законски и уставни причини се ова да падне. Тој го знае тоа и воопшто не го интересира денот откога ќе падне. Ниту судбината на судиите и обвинителите кои под негова принуда носат незаконски, нестручни и несовесни одлуки кои никој непристрасен во светот не може да ги разбере.

Мислите напразно институциите и судовите на засега три земји членки на ЕУ, Грција, Унгарија и Шведска потврдија дека преку нашето судство се врши класичен немилосрден политички прогон? Мислите глупави се тие или би ризикувале ако не е така?

И не само овие три земји. Секоја независна институција и непристрасен суд на земја во ЕУ би го сторила истото. Затоа што има очигледни и несоборливи докази и признанија за политички прогон, не фер судење, лажни обвиненија и нивни квалификации со цел некој да дојде на власт, да смени име, идентитет и историја на една земја и народ, а потоа и со цел да остане на власт подолго.

И уште нешто… денешното сведочење на Верушевски целосно ги компромитира и анулира претходните два сведока во тој случај на СЈО, сега ОЈО. Тој на судот му кажа дека тие го лажеле судот во своето сведочење повикувајќи се на координирана соработка со него. Непостои суд на светот кој исказите на тие два сведока после ова ќе ги земе за релевантни. Како што одат работите, ќе излезе дека Заев бил искрен кога ми кажуваше, што јавноста имаше можност да го види, дека снимките му ги дале некои странски служби со чии преставници лично се среќавал.

На потег е сега судството да се дистанцира од сите манипулации на разузнавачки служби и политичките манипуланти и да ги врати предметите таму каде им е местото- на буништето на историјата каде веќе се најде Катица Јанева и нејзината екипа која тајно се честела секој месец со илјадници евра народни пари додека се изживуваше со нас и додека аздисани, вознесени и забегани се препукуваа и натпреваруваа кој од нив ќе се кандидирал за претседател на Република Македонија во иднина.

Сите ние некогаш, можеби наивно верувавме дека СЈО нема да може да ги победи фактите, доказите и законот, а дека судот нема да си дозволи до таква мерка да работи незаконски и по партиска нарачка.

Знам дека и дел од судиите никогаш, ниту помислиле дека некој ден ќе мора да носат така очигледни незаконски одлуки какви што не можеле ми да сонуваат, од страв да не им се случи нешто лошо од власта.

Оваа денешна изјава во судот на Верушевски околу “квалитетот” на доказите и сведоците е отрезнувачка за сите кои заборавиле дека вистината не може да се скрие.

П.С. И да не се изненадите кога еден ден оние луѓе кои даваа изјави под закана и уцена, а дел од нив и лажни сведоштва под закана од СЈО, ќе си ја кажат вистината.

Оние кои на првиот распит во СЈО кажуваа дека нивни е потписот на некоја партиска донација од на пример 500 евра, па на испраќање пред вратата обвинителот тивко, небаре многу пријателски тапкајќи ги по грбот им викаше: “ајде размислете уште малку. Имате деца…”.
Па откако ќе ги посетеа и доуплашеа некои други уценети ликови од истото СЈО, кои прифатиле да бидат “помагачи” (барем така службено ги водат во СЈО) со цел да ги изземат од обвиненијата, а кои подоцна или барем дел од нив се ребрендираа од “помагачи” во “реформатори”, ќе ги доуплашеа и следниот пат во страв и пребледени ќе дојдеа со спремна изјава различна од првата, нарачана од обвинителот, издиктирана од “помагачите” кои својот неморален однос и пресврт во нивното однесување, лажно им го оправдуваа со наводната длабока убеденост за реформи во партијата каде до “вчера” до пред “овие ренегати да ги фати СЈО на едно чувствително место,, го зборуваа спротивното. Оние истите што сега веќе прифатиле нова “мисија” па ни презентираат некаков нов македонски концепт, дека на следните генерации требало да им оставиме само држава, слобода и пари, а името, идентитетот и историјата да им ги оставиме на соседите, кои бездруго на своите граѓани ќе им остават и држава, слобода и пари. Но, и многу повеќе од тоа.

https://www.facebook.com/NGruevski/posts/10157708417777716