Средби на Туск со Заев и Пендаровски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во рамки на денешната негова посета на Македонија, во Скопје ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

По средбата со Заев, напладне предвидена е заедничка прес-конференција.

Посетата на Туск на Скопје е во пресрет на очекуваната одлука за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври.

-Лично верувам дека е можна само една одлука – почнување на преговорите со Северна Македонија и со Албанија за членство во ЕУ според препораката на Европската комисија, оцени Туск во јуни, на прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски за време на неговата посета на Брисел.

– Како претседател на Европскиот совет не сакам да прејудицирам. Направивте се што се очекуваше од вас, но да бидам искрен – не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите за членство во наредните денови. Прашањето е не „дали“, туку „кога“ ќе почнат. Внимателен сум за ова прашање бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земја и на регионот е во ЕУ, рече Туск.

Мандатот на актуелниот претседател на Европскиот совет истекува на 1 декември, а на негово место ќе дојде премиерот на Белгија, Шарл Мишел.