Заев: Многу сум разочаран од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По повод пропаднатата лидерска средба, денес изјава пред медиумите имаше премиерот Зоран Заев. Ја пренесуваме во целост:

Искрено, многу сум разочаран од исходот на лидерската средба и од однесувањето на опонентите од другата страна со кои што преговаравме, господинот Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.

Имав некој надеж, дека сепак е можно во текот на последниве две години, да успеат да ја сменат матрицата на однесување и дека ќе излезат од заложништво на нивните претходници, но тоа не се случи.

Тие не отстапуваат од матрицата на однесување која се повторува уште од Пржинските преговори. Истата приказна беше за Преспанскиот договор. Истата приказна и сега. Груевизам до доцна во ноќта.

Постојано, секој пат, колку и да постигнеме некаков напредок на другите полиња, колку и да бидеме ние попустливи и компромисни во преговорите, на крајот, секој пат, постојано, неизбежно, кај Мицкоски сѐ се сведува на едно барање: амнестија или уништување, запирање и крај за случаите од претходниот режим.

Се обидовме сѐ. Да излеземе во пресрет на секое разумно, праведно и правилно барање или услови. Се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата. Да бидеме креативни, но сепак да не дозволиме црвените линии да се поминат. Но, се соочувавме со невозможно барање, барање кое е против секоја логика, кое е против правдата, кое е против ЕУ и НАТО. Против граѓаните, против вредностите, против стандардите. Тие бараат предметите на СЈО дојдат под нивна контрола за конечно и да запрат. Ништо друго.

Бараат криминалот да им го заташкаме. Само тоа е важно за ВМРО-ДПМНЕ. Ниту ги интересира ЕУ и НАТО, ниту владеење на правото. Ниту интересите на граѓаните, ниту напредокот на земјата.

Тоа е мојот заклучок. Тоа е целта која што сакаат да ја постигнат. Затоа е тешко да се постигне договор. Затоа синоќа не постигнавме договор.

Ние тоа нема да прифатиме тоа што е нивна конечна цел. Не смееме да го дозволиме тоа.

Жал ми е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, сѐ уште заробени од страна на нивното претходното раководство, не успеваат да видат дека сега е моментот сите да покажеме дека сме за правна држава и за правда.

Целосно спротивно на принципот на правда, бараа сите предмети до 30 јуни 2017 година да ги преземе обвинител избран од нивна страна. Се знае зошто, со цел после тоа да се доведат до уништување, до запирање на постапката за предметите. Бараа со закон да се запечати судбината и да се запрат сите предистраги и истраги за предметите после 30 јуни. Да не се прецизира во самото законско решение што со тие предмети што се во истражна или предистражна постапка. Ние пак, во интерес на правдата и борбата против корупцијата на која било власт, понудивме формирање ново обвинителство кое ќе гони висока корупција, во кое првиот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата – но нив не ги интересира борба против корупцијата, нив ги интересира да го спасат режимскиот криминал. Да се заташкаат предметите, да се анулираат.

Новото обвинителство го предложивме да биде на исто ниво за гонење на организиран криминал и корупција. Предметите осигуравме да преминат кај Јовевски. Сите, вклучувајќи ги и тие во истражна и предистражна постапка. Сите да одат кај Јовевски, и тој да одлучува како ќе ги распредели, што ќе се работи со нив, секако, тие што се во судска постапка да продолжат таму каде што се застанати, распределени на соодветен обвинител и да продолжат. За тие во истражна или предистражна фаза, тој да оцени дали има доволно докази или не, дали се комплетирани доказите за да се поднесе обвинителен акт. Но тој, правната држава да одлучува, а не политичарите.

Обвинителството за организиран криминал и корупција да остане како што е. Односно, целта беше дека не седнале политичарите Заев и Мицкоски и работните групи од двете коалиции и дека одлучиле да менуваат обвинители, на сред мандат, на почеток на мандат, тие да управуваат со обвинителството. Не. И тоа го осигуравме.

Ново беше да се формира тоа ново обвинителство за да излеземе во пресрет на опозицијата, кое што ќе биде Обвинителство за гонење висока корупција, и да почне со истраги. Предлогот да дојде од страна на опозицијата, да го потврдува парламентот и, на крајот, да го верификува Советот на обвинители.

Предложивме тоа Обвинителство за висока корупција да биде основано, да биде обезбедено со ресурси, да биде финансиски независно, исто како што беше и досега предвидено во преговорите, и да дојде предлогот за обвинител од страна на опозицијата за да се генерира довербата, и да почне да истражува висока корупција. Да формира случаи кои се однесуваат од сега за понатаму, но може да се однесува и за предмети од 2013, од 2017, во зависност дали според Кривичниот законик некој предмет е застарен или не. Значи, тоа обвинителство може да го гони и градоначалникот Заев од 2015 година, некоја друга фигура, од сегашната или од претходната власт, но да отвора предмети.

За нив беше важно единствено тоа обвинителство да ги преземе сите предмети од СЈО каде што шеф ќе биде на предлог на опозицијата. Тоа е апсолутно недозволиво затоа што не постои начин дека некој може да гарантира дека тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи сите предмети, да ги повлече, да ги одлага. Тоа е апсолутно недозволиво.

Во тој дел од синоќешните разговори овозможивме опозицијата да се почувствува вградена во процесот, да верува во процесот. Дадовме вакви креативни решенија, затоа беа и паузите за да се прават консултации.

За жал, стана извесно дека Мицковски е подготвен да го жртвува датумот, НАТО, ЕУ, само во обид да го амнестира криминалот на ВМРО ДПМНЕ. Тоа е неприфатливо. Ние ќе се бориме против тоа до крај.

На крајот, било кое законско решение се носи во парламентот. Пратениците ќе знаат што ќе гласаат и дали некое решение ќе им даде иднина на предметите или ќе ги уништи.

Уште еднаш апелирам, во пресрет на одлуката за датум за преговори, опозицијата да увиди колку е важно да покажеме дека можеме да ги ставиме државните интереси над партиските.

Предметите на СЈО ќе продолжат да се процесуираат во суд, надвор од влијанието на Заев, уште помалку на Мицковски. Нема компромиси околу тие прашања.

Правда и правна држава ќе има.

За било кој друг исход освен добивање датум за преговори, после сите напори, јасно е дека единствени виновници ќе бидат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и ВМРО-ДПМНЕ како партија. Таа одговорност тие ќе мора да ја прифатат.

Сакам да укажам дека ја разбирам и вашата реакција, реакцијата на новинарите, со која изразивте револт од долготрајната средба.

Ве уверувам дека нашата единствена намера беше да постигнеме резултат, да постигнеме напредок во разговорите, во интерес на граѓаните и земјата, и со добри вести, за заеднички постигнато решение, да излеземе пред вас и јавноста.

Жалам што не дојдовме до договор и денеска ги кажувам причините зошто е тоа така.