Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Денес пред 28 години, македонските граѓани излегоа на референдум каде се изјаснија за самостојна и суверена Република Македонија. Денес 28 години подоцна, Македонија за првпат го празнува Денот на независноста со променето име.
Македонија денеска го празнува Денот на независноста, 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој мнозинството граѓани донесе одлука за самостојна и суверена држава.
Одбележувањето започна вчера попладне со почесна артилериска стрелба од касарната „Илинден“ во Скопје. Денеска ќе биде положено цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров. Под мотото „Боите на независноста“ во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одржи прослава во организација на Владата на која е најавено и обраќање на премиерот Зоран Заев.
На 8 септември 1991 година, во предвечерјето на распадот на СФРЈ, на спроведениот референдум македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава .
Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент, усвои Декларација за независност. Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Монетарно, државата се осамостои со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.
На 17 јуни 2018 во Преспа беше потпишан договор меѓу Скопје и Атина со кој за првпат македонската влада прифати промена на уставното име ерга омнес.