Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот претседател Ставо Пендаровски денеска беше во посета на првачињата од Основното училиште „Панејот Гиновски“ во Општина Бутел, школото во кое и самиот тој завршил основно образование.
-Учете за да бидете најдобри, читајте што е можно повеќе книги, знаењето сигурно ќе ви помогне во животот, но подеднакво битно е и другарувањето, им порача претседателот Пендаровски на првачињата во училиштето, каде и тој во 1971 година бил прво одделение.
Во животот, како што вели претседателот, секогаш човек е поуспешен и посреќен кога има повеќе другарчиња и пријатели околу себе.
– Не се сомневам дека и вие како и јас пред многу години ќе си направите пријатели за цел живот и дека со радост ќе се сеќавате на ова училиште, изјави Пендаровски.
Нагласи дека училиштето било и е мултиетничко и дека тоа е предност во животот и не треба да ги попречува во правењето пријателства.
На наставниците им порача дека петките мора да бидат заслужени, но децата да имаат и малку слободно време за, како што рече, да не го чувствуваат училиштето како нешто наметнато и страшно.
Родителите ги повика да не го тераат децата само да учат, туку и малку да играат и надвор да се дружат со луѓето.
Градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, во своето обраќање пред првачињата, посочи дека претставува чест да се обрати пред претседател на држава во училиштето во кое и тој учел.
– Тоа е добар знак за сите ученици дека ова училиште може да извади квалитетни кадри, кои ќе ја претставуваат нашата општина и нашата држава, порача Смилевски.