Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Владата уште нема донесено одлука дали и колку ќе биде евентуално покачена минималната плата во Македонија и колку ќе изнесува истата од октомври.
По лавината реакции што се појавија во јавноста по информациите дека министерот за економија Крешник Бектеши најавил дека тaa ќе порасне на 15.500 од владата денеска уверуваат дека станува збор за недоразбирање.
„Покачувањето на минималната плата е предвидено, но висината не е се уште утврдена бидејќи во тек се консултации со коморите и работодавачите.“ – е денешниот став на Бектеши, лиферуван од Владата..
И додека се чека одлуката за минималецот, она што е познато, а треба да се реализира со прекројувањето на државната каса следниот месец, е мерката за субвенции на придонесите за покачувањето на платите во приватниот сектор до 100 евра.. Веќе е дефинирано дека работодавачите ќе треба да плаќаат само персоналец, а останатите давачки ќе бидат на товар на државата. За оваа мерка, премиерот Зоран Заев викендов од собраниска говорница најави дека се планирани околу 40 милиони евра.
Парите веќе се предвидени во ребалансот, најави и новата министерка за финансии Нина Ангеловска во нејзиното прво интервју дадено за државната МИА.
,,Она што сега можам да ви кажам е дека пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите.
За Ангеловска денеска е првиот работен ден на функцијата министер за финансии. Министерката оствари средба со премиерот Зоран Заев кој на својот ФБ профил напиша дека подготовката на ребалансот е во финална фаза и тој ќе даде поддршка на капиталните проекти и на новите мерки за повисоки плати и подобри услуги за граѓаните.