Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Молк од Основното јавно обвинителство после објавените информации од страна на „360 степени“ и новинарот Васко Попетревски дека Катица Јанева нарачала „форензичко бришење“ во компјутерите од Специјалното јавно обвинителство. Од ОЈО не стигнува ниту демант, ниту пак потврда за постапување по допрен глас од нивна страна во врска со овие информации.
Завчера, порталот на емисијата „360 степени“ која се емитува на Алсат објави дека Катица Јанева дала усна наредба и веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе „форензичкото бишење“. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство, а ваква наредба вработените добиваат првпат од постоењето на СЈО.
Барањето за бришење на компјутерите се случува во период кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избришела податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено. Пред да се објави веста, од „360 степени“ побарале официјален став и до СЈО, но наместо одговор, добија демант, шест часа по објавување на информацијата. По демантот од обвинителството на Катица Јанева, се огласи и уредникот на „360 степени“, Васко Попетрески.
Се огласи со јавен и отворен коментар и новинарот Васко Попетрески – уредник на „360 степени“:
Решивме да бидеме гласот на вработени во СЈО, кои „изгорени“ од настаните во изминатите недели, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на „форензичко бришење“ на компјутерите) со можни далекусежни последици. Во функција на јавниот интерес.„Демантот“ не се осврнува директно на делот од текстот на „360 Степени“ дека со „форензичкото бришење“ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено. Ако и на вработените во ИТ-секторот сега им е појасно што, всушност, било побарано од нив, а можеби не биле свесни за тоа, тогаш навистина јавниот аларм од загрижени вработени во СЈО ја завршил својата работа.“
Опозицијата обвинува дека редовното обвинителство и власта ги одмолчуваат аферите околу Јанева.
„Очигледно после ваков скандал, Катица Јанева има нешто да сокрие, а штом се уште молчат сите, и обвинителството и власта и не се наоѓа Катица Јанева на распит во Обвинителството, тоа значи дека некој сака и нејзе да ја скрие и да го премолчи целиот овој скандал и инволвираноста на Јанева и во скандалот Рекет“, рече Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку во рамки на истрагата за „Рекет“, на обвинителката и беше одземен еден од двата телефони кои таа ги користела. Вториот, таа тврдеше дека го изгубила, за потоа да биде пронајден кајс сестрата на девојката на нејзиниот син, која пак кажала дека го добила на подарок. И двата телефона беа дадени на вештачење. Јанева на прес-конференција порача дека е чиста, и дека осомничените рекетари го злоупотребиле нејзиното име.