Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Американскиот в.д. помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, потенцираше дека улогата на политичката опозиција во рамки на секоја здрава и вистинска демократија е од клучна важност и значење. Конструктивна опозиција е еднакво важен фактор. Поради тоа, тој порача до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и другите помали опозициски партии дека времето за игри е поминато, време е работите да се придвижат за доброто на земјата.
„Ова е клучно за процесот на евроинтеграции, но и за граѓаните. Времето да се задржува ова од страна на опозицијата треба да заврши и се надевам ќе имаат конструктивен пристап. Мора да видиме разумни напори, закон за Јавното обвинителство мора да се придвижи, а неговото усвојување сега значи дека тоа повеќе нема да биде ‘прашање‘ и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен“, рече Рикер на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по средбата во Владата.
Оваа порака, како што рече Рикер, ќе ја пренесе на средбата со опозицијата.
И премиерот Заев излезе со слична порака, изјавувајќи дека се „отворени за последниот исчекор со опозицијата за законот за Јавно обвинителство, со цел да покажеме дека сме единствени“. Тој повтори дека сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната покана за почеток на пристапни преговори.
„Никој не сака разочарувања и изневерени очекувања. Сите го очекуваат признанието за исполнетите демократски реформи“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, Заев објасни што мислел со изјавата дека ако не се донесе законот сега тоа ќе се случело на непосакуван начин.
„Посакуван начин значи со консензус, низ дебата, да се дојде до решение кое нема да дозволи да се нарушат црвените линии. Непосакуван се мисли кога државата треба да изнаоѓа други начини кога не може со регуларните. Не ги посакувам тие начини. До 15 септември завршува мандатот на шефот на СЈО, а останува мандатот на СЈО. Ќе треба лидерски средби , да се измислува решение“, изјави Заев.