Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Делницата меѓу Кочани и Делчево од магистралниот пат А3 веќе десетти ден е затворена за сообраќај за сите возила, а расчистувањето на свлечиштето е отежнато поради големите карпи што се паднати на коловозот.
На терен се ангажирани работници и механизација на ГП „Гранит“, а поддршка е обезбедена и од посебна минерска екипа.
-Веќе е завршено главното минирање, а во моментот се работи на расчистување на почетниот дел од надвиснатите карпи. Во текот на денот ќе се продолжи со минирање на останатиот дел од карпите и нивно отстранување од патот. Очекуваме делницата кон Делчево да биде оспособена за сообраќај најдоцна до петок, а ќе преостане да се постават заштитните мрежи над банкините и сообраќајната сигнализација, истакна Влатко Цоневски, технички директор на подружницата на „Македонијапат“ во Штип.
Расчистувањето на патот е отежнато и поради честото присуство на возила чии сопственици се обидуваат на сопствена одговорност да поминат кон Македонска Каменица или Кочани. Според Цоневски, таквите обиди се премногу ризични затоа што патот воопшто не е безбеден, односно сè уште има надвиснати карпи што не се стабилни и можат да предизвикаат сериозни последици.
Свлечиштето кај месноста Саваро во близина на селото Истибања почна да создава проблеми пред околу две недели, кога поради паѓање на помала карпа сообраќајот се одвиваше по една коловозна лента, а целосно беше затворен минатиот четврток откако голема карпа целосно го затрупа патот.
Сообраќајот се одвива по алтернативни патишта, односно лесните и полулесните возила го користат патот преку селото Бигла на релацијата Виница – Делчево, додека тешките товарни возила сообраќаат на патот Виница – село Смојмирово – Делчево, информираа од „Македонијапат“.
Извор: Сител