Европскиот шампион Бесир Алили на средба со градоначалникот Шилегов


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Градоначалникот Петре Шилегов и заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи, денеска, во просториите на Град Скопје го пречекаа европскиот шампион во борење за кадети, Бесир Алили. На средбата присуствуваа и други борачи од нашата земја, кои се натпреваруваа на шампионатот, а освоија две петти и две седми места, како и претставници од Федерацијата на боречки спортови.

– Успехот на Бесир ни ги наполни срцата. Тој е корисник и на стипендија од Град Скопје за 2019 година, како талентиран средношколец-спортист. Посакувам нормите да се исполнат и да отидеме на Олимпијада. Советот на Град Скопје на 5 јули ќе одржи седница, а јас ќе излезам со предлог да доделиме парична награда и за клубот и за шампионот – рече на средбата градоначалникот Шилегов.
Тој му порача на младиот борач да продолжи напорно да тренира зашто има и талент и голема поддршка.


– Животот на врвните спортисти е тежок, но знам дека ако си упорен навистина ќе ни донесеш олимписко злато – нагласи Шилегов.
Кон честитките за неверојатниот успех на младиот Алили се придружи и заменик-градоначалникот на Скопје, Малиќи, кој рече дека му претставува големо задоволство што граѓаните на Скопје му приредија убав пречек на шампионот на плоштадот „Скендербег“.

– Град Скопје секогаш ќе ги поддржува спортистите и сите големи спортски успеси затоа што нема подобар начин за промоција и афирмација на нашиот град – додаде Малиќи.

Младиот Бесир Алили го освои златниот медал на Европското првенство во борење за кадети кое се одржа во Фиренца, Италија. Ова е голем успех за Алили кој се натпреваруваше во категоријата слободен стил до 48 килограми и претставува прв златен медал за македонски репрезентативец на европско кадетско првенство. Градот Скопје во 2018 година го прогласи Бесир Алили за најдобар спортист на Град Скопје во категоријата – Најталентиран млад спортист – кадет.