И Унгарија го ратификуваше протоколот за прием на Македонија во НАТО


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со 153 гласа „за“ унгарските пратеници во Парламентот едногласно го ратификуваа протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО.

На чинот на ратификувањето присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери, по покана на претседателот на националното собрание на Унгарија, Ласло Ковер.

Претходно, денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.

Столтенберг ја упати пораката ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, пренесе Миа.

Тој нагласи дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.