Бугарија го наметна Гоце Делчев како услов за датум за земјава


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Гоце Делчев е новиот услов за добивање на датум за старт на преговори со Европската унија. Условот стигна лично од бугарскиот премиер Бојку Борисов кој порача дека Македонците имаат уште работи за поправање и да созреат, јавува Телма.

„Бугарија направи сè и тие летнаа во небо. Сега ќе треба да прават компромис во комисијата и со антибугарската реторика“, изјави Борисов.

Борисов, на прашањето кога ќе стартуваат пристапните разговори на Унијата со Македонија, го стави Гоце Делчев во залог.

„Тие имаат многу за поправање. Не ме разбирајте погрешно, но додека се спори Гоце Делчев дали е Бугарин или Македонец, херои кои всушност се бореле за Бугарија и за Македонија, за родниот крај, и најубавите ни песни се поврзани со нив… И опозиција ќе ме праша што прави Комисијата … Нека зреат“, рече Борисов.

Премиерот Заев денеска преку фејсбук му одговори на Борисов, велејќи дека двете земји потпишале Договор за пријателство и соработка, а не за проблеми и јавни препукувања.

„Се договоривме дека заедничките моменти од минатото треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат. Искуствата од историските комисии ширум светот и Европа покажуваат дека соработката бара време, труд, трпение, почит кон другиот и голема взаемна посветеност. Но, пред сѐ, потребна е заедничка идеја да одиме напред. Ние знаеме дека таа идеја е жива и сме покажале дека за најделикатните прашања може да се најде заеднички јазик, ако се сака. За да успееме треба заедно да зрееме. Пријателството мора да биде двострано и взаемно“, напиша Заев за фејсбук.

За претседател на Советот на амбасадори Љупчо Арсовски, изјавата на Борисов е непримерна за еден премиер. како и користењето на членството кое Бугарија го има во Унијата.

„Тој употреби за македонскиот народ и за сите кои размислуваат поинаку дека се незрели, дека треба да зрееме. Тоа не доликува на ниво на еден премеир, бидејќи се поставува и зрелоста не тој што го кажува тоа. Дали тоа може да го каже за соспствениот народ бидејќи со таа земја потпишавме Договор за пријателство“, вели Арсовски.

Навестувањето дека Бугарија ќе може да прави проблеми Аросвски смета дека нема да биде од корист на никој, но сепак смета дека тоа нема да се случи.

„Во целина гледано не мислам дека ќе прават проблеми“, додава Арсовски.

Амбасадорот Арсовски не е изненаден од изјава на Борисов, бидејќи ист изричен став за Гоце Делчев бил изнесен од шефот на бугарската страна во Комисијата уште пред 10-на месеци. Според него сите соседни земји на Балканот имаа проблеми, многу отворени прашања, со испреплетена историја, но доколку сите во решавањето тргаат само од својот интерес, тоа не може да води кон благосотојба.

Прашањето чиј е Гоце Делчев се наметна пред две недели кога Комисијата за историските прашања не постигна согласност за заедничко чествување на македонскиот револуционер. Тогаш бугарската шефица на дипломатијата се закани дека Бугарија ќе ја напушти комисијата. Претходно вицепремиерот на бугарската влада, Каракачанов, и се закани на земјава со членството во ЕУ доколку не прифатиме дека Делчев е Бугарин.

Извор: Телма