ФОТО: Свечено затворање на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со свечено доделување на наградите на годинешните лауреати и во нивна чест изведба на ансамблот на МНТ- Скопје, на претставата „Силјан Штркот Шанца“ со текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ, се спушти завесата на годинешното 54 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, во Прилеп.

За прв пат оваа година публиката го имаше последниот збор, да ја одбере најдобрата претстава. Претставата “Пиреј“ на театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп беше одбрана за најдобра претстава. Врачената награда статуетка во форма на раце што аплаудираат, изработена од академскиот скулптор Марјан Стојаноски ја врачи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

Оценувачката комисија на 54-от македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп, во состав на Бедиа Беговска – претседател и членовите: Љиљана Богоевиќ и Маја Вељковиќ-Пановкса ги доделија следните награди: Народниот театар од Битола за претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица ги доби наградите за најдобра претстава и режија на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Марија Спиркоска-Илијески и Александар Степанулески ги добија наградите за најдобри актерка и актер за улогите на Велика и Јон во претставата „Пиреј“ на Прилепскиот театар.

Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Билјана Драгичевиќ-Пројковска за „Странци“ на Драмски театар, а за споредна машка улога Гзим Жерка за „Смртта на Дантон“ на Албанскиот театар. Најдобра млада актерка е Симона Димковска, а млад актер Тони Денковски.

Димитар Андоновски ја доби наградата за музика за претставите „Пиреј“ и „На отворено“, Константин Трпеноски за сценографијата за претставата „Макбет“, а Љупчо Ѓорѓиевски наградата за современа сценска драматизација за „Животинска фарма“ на Струмичкиот театар. Наградата за кореографија и сценски движења му се доделува на Ѓерѓ Превази, а за костими на Роза Трајческа-Ристовска.