Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вокална интерпретација: Ахмед Буриќ, гитара: Тони Китановски. Камера: Стефан Рајхл Петар Аврамоски Филип Ѓорѓиоски Антон Лазаревски, видео: Tone Bandits. Инженер на звук: Ивица Јанкуловски.
Босанско-херцеговскиот книжевник, преведувач и новинар Ахмед Буриќ (1967) живее и работи во Сараево. Во рамките на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од Европската мрежа за литература и превод „Традуки“, гостуваше во Скопје. Тогаш беше создадена и стихозбирката „Господар на Скопје и други песни“. Подолу го имате препевот на поетската творба која погоре во оригинал ја изведува Буриќ, придружуван од Китановски. СЕКОЈА СЛИЧНОСТ НА ПОЕТСКИОТ СУБЈЕКТ СО ЕДЕН НАШ ПОЛИТИЧАР Е – НАМЕРНА. 😉
Се спушта мрак
си точам виски
уште малку
и ќе спие Скопје
ќе спие Градски ѕид
како натежнати баби од село
ќе спијат широките куќи на 29. Ноември
ќе спие Чаршијата
и албанските натписи на кирилица
што ќе ги нема кога ќе умрат газдите
ќе спие твојата добрина, пријателе,
ќе спијат во вежбалната теговите на моите телохранители
мојата дневна соба е дом на сите ваши проблеми
овде, каде, кажуваат, почнала ренесансата
јас во лежечка положба започнувам нов барок
ќе спијат уште малку и спомениците
Никола Карев на коњ ќе заспие
како некој руски композитор ќе заспие Вардар
и онаа висока трибина под која Васил Рингов фаќаше сенка
каде растеа таленти недораснати на сонце
како Самоникнати, како Тутуноберачите
како заедно да сме јас и ти
Jazz и ти,
ќе спијат лудите идеи за спојот зурли-техно
сето тоа спие со мене во мојата спална,
и само лоши луѓе може да мислат дека не сум добар.
Вие може да кажете сѐ но мојот патриотизам е докажан
крстот над мојата глава е најголем плус за нашата економија,
иако поетите се ругаат, тврдејќи дека тоа е
сигурен знак дека ова се гробишта.
Го зборувам јазикот на својот непријател
речиси совршено.
Немојте само да ми спомнувате
дека во црните, темни зандани
во Идризово седат затворени еден човек
и неговата ќерка,
што требаше, да пуштам да се сомнева во моите работи,
да ме предаде,
сѐ што гледате наоколу е моја визија.
Ќе заспие Скопје, и приказната за царот што умрел
кога војската си ја видел ослепена
и што неговиот противник ги задржал сите
негови потомци, на дворот.
Темно е.
Јас сум господар на Скопје и како и да завршам
треба да знаете дека правев сѐ за ваше добро.
Спиј сега, Скопје,
јас нема да спијам, зашто ме чека уште многу незавршена
работа,
ме чека пура која догорува бавно,
како трпението на народот.
Препев: Тихомир Јанчовски