The Planktons – „ДЕНЕС“: Музичко сурфање врз брановите на скопската баналност


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Поимот surf music, како правец во рок музиката, културолошки и стилски вкоренет во доцните ’50-ти и раните ’60-ти години од минатиот век и поврзан со сурферската култура како едно комплетно движење и стил на живот, од прва веројатно на повеќето можеби нема многу или ништо да им значи.

Сепак, ако само малку пребараат под овој поим на интернет, брзо и лесно ќе наидат на името Дик Дејл и неговата култна преработка и изведба на традиционалната Misirlou, која на голема врата ја популаризираше култниот Квентин Тарантино во неговиот уште покултен Pulp Fiction.

Кратко опишано, „сурферската музика“ се базира на гитарскиот стил окарактеризиран со одекнувачки звук на гитарата кој симболично треба да го долови звукот на брановите кои ги бркаат и „јаваат“ сурферите на калифорниските плажи.

Дополнително, за овој музички подвид е поврзано името на еднакво големите и легендарни The Beach Boys, кои се надоврзаа на изворната инструментална база на „сурферската музика“ надополнувајќи ја со вокална интерпретација.

Овој мал вовед, со попатните референци, е доволна база за да се добие претстава што претставува она кое на нивниот албум „Денес“ успешно го доловуваат на музички план триото The Planktons, транспозиционирајќи ја оваа „сурферска музика“ во еден сосема поинаков и поразличен урбан, стилски и културолошки амбиент – оној на скопскиот асфалт и македонската реалност.

За ефектот да биде комплетен, а музичкото искуство на авторскиот печат на овој албум автентично, и самиот наслов (кој реферира токму на онаа баналност на сегашноста во културно-уметнички контекст која целосно е обременета од инстант култура базирана на социјални медиуми и експлодирачки кич во неговата најнегативна форма) – ДЕНЕС, како и комплетната „плеј-листа“ одат во локална кирилична варијанта, (субјективно претпоставувам) со цел што поуникатно да се потенцира универзалната поврзувачка идеја на овој американски музички правец и нашата источноевропска реалност.

Слободно може да се каже дека со „Скопска Риба“ The Planktons прават епско и енергично отворање на албумот,  за потоа динамика, токму како морски бранови, да амплитудира во текот на целото албумско музичко сурфање.

Ритам секцијата на Марко Трендафиловски – тапани и Дарко Поповски – бас, во комбинација со мелодичната енергичност на гитарата од Оливер Јаниќијевиќ, во продолжение, преку „Секс Он Д Бич“, „Вода“, „Почит Кон Дик Дејл“ и „Мирис На Море“, уникатноста на музичкото сурфање на брановите на скопската банална реалност зачинето со ритми карактеристични за ова наше поднебје, ја водат кон средината на албумот.

„Чиста Вардарска“ повторно ја враќа динамиката, контекстуализирајќи ја музичката димензија на албумот во номинативно чисто локален контекст. Понатаму, преку „Онктонопон“, „Речен Бран“, „Бикини Блуз“, „возењето“ продолжува со издржан, неретко и воздржан динамичен ритам, за со финалната „Сон“, ова музичко патување, токму како некој морски бран, со доза на летаргично запенето заплискување на песочните плажи од Калифорнија, се разводнува кон неговиот крај.

Она што е импресивно и срдечно препорачано кога станува збор за ова музичко издание на The Planktons, се чувството и импресијата кои се добиваат со неговото искусување и доживување во живите изведби, особено на некоја клупска свирка. The Planktons со „Денес“ (иако пролетно издание – снимен во март, 2019), во вистинско време ја освежија македонската музичка сцена со авторска музика која одлично ќе „легне“ на летниот амбиент на скопската спарнина и гарантирано ќе го збогати летото ширум другите градови кај нас кои ќе имаат можност во живо „да сурфаат со Планктоните“.

Текст и фотографии: Александар Еленин