Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Моменталната ситуација во општината Зубин Поток, на северот од Косово, е драматична и тензична, откако косовските специјални сили РОСУ ги пробија барикадите што беа поставени кај селото Зупче, при што двајца Срби се полесно повредени.
По раноутринските апсења од страна на РОСУ на северот на Косово, во општините каде што Србите се мнозинство, сега, според белградски „Новости“ се движат кон селото Варага.
Танјуг објави дека двајца Срби се полесно повредени во престрелката од утринава, кога припадници на РОСУ дошле во атарот на селото Долна Варага во општина Зубин Поток. Како што потврди полициски службеник од местото на настанот, пукањето сè уште трае.
На лице место дошле 15 оклопни возила на РОСУ и ФИТ, кои фронтално се распоредени кон селото Долна Варага и кон Зубин Поток, магистралниот пат и уништиле мала импровизирана барикада, што на патот утринава е поставена од уплашеното население.
Припадници на РОСУ одат по магистралниот пат и пукаат од двете страни и фрлаат шок бомби. Народот е исплашен, а локалното училиште и градинката нема да работат, рече за Танјуг полицискиот службеник.
Забележани се возила на брза помош бидејќи има повеќе повреди, јави новинар на ТВ Прва.
Ситуацијата, како што вели тој, е како воена состојба, луѓето се забарикадирани во своите домови, а голем дел од нив избегале во шумата. И самиот новинар на ТВ Прва се јави од засолниште наведувајќи дека тешко во скоро време ќе излезе од него.
Според досегашните информации, уапсени се 13 лица од српска националност, а според приштинскиот печат меѓу уапсените има и припадници од албанска националност. Наводно, уапсените се припадници на косовската полиција, вклучени во организиран криминал.
Исто така, медиумите во Приштина пренесоа и дека во акција во Зубин Поток имало пукање при што бил ранет еден припадник на полицијата на Косово, од албанска националност.
РТС пренесува дека е забележано движење на српската војска и полиција кон Косово, а во касарната на Војската на Србија во Краљево е забележана активност на оклопни возила.
Извор: Мкд.мк