Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Приземен и хуман, „приватен“, а толку пријатен – холивудскиот актер Кијану Ривс со својот карактер, човечност и нормална непосредност во секојдневниот живот, без „глумење лудило“ на планетарна ѕвезда (а реално и може да го прави тоа), е една од најомилените славни личности во светски рамки.
Уште една неверојатна приказна од секојдневието која ја докажува приземноста и обичноста на Кијану како човек со голем карактер и дух ни доаѓа од сведоштво споделено на Твитер.
Истата ја сподели Џејмс Дејтор, кој Ривс го запознал случајно, кога имал 16 години и како средношколец работел на билетарница во една кино сала во Сиднеј. Едно претпладне на врата му се појавил Кијану Ривс. Тоа било во периодот кога го снимал култниот Matrix во 2001 година.
„Работам, се досадувам, и одеднаш влегува тип во фармерки, кожена јакна и моторџиска кацига на главата. Чудна моторџиска кацига. Ми беа потребни 30-тина секунди за да ја игнорирам кацигата и да сфатам дека тоа е Кијану Ривс“, го започна своето сведоштво Дејтор во серија твитови на неговиот профил.
„Сакаше билет за From Hell, филм со Џони Деп. Толку бев шокиран што ѕвезда како него стои пред мене, што го направив она што би го направил секој збунет 16-годишен тинејџер да беше на мое место. Му реков дека сакам да му дадам мој попуст за билетот кој му следува на вработени. Тоа би значело дека тој мора да потпише лист хартија заради тоа, а јас така ќе добиев негов автограм“, објасни твитерџијата.
„Јас не работам овде“, ми рече збунето Кијану. Се збунив и јас и му наплатив билет по нормална цена. И ми беше криво што не си побарав автограм. Две минути подоцна, слушам тропање на стаклото од кабината каде што продавав билети. Мислев дека е мојот шеф. Тоа беше Кијану“, продолжи Дејтор.
„Сфатив дека веројатно сакаше мој автограм“, ми рече. „Па го потпишав ова“, додаде и ми подаде сметка од блискиот штанд за сладолед, со негов потпис на хартијата. Потоа го фрли сладоледот во корпата за отпадоци и замина да го гледа филмот. Подоцна сфатив дека типот купил сладолед само за да добие сметка, на која ќе може да му даде автограм на еден 16-годишен идиот како мене“, ја заврши својата приказна твитерџијата.