Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Финалето од Лигата на шампионите е на прагот, а освен одличниот фудбал кој до последно имавме можност да го следиме во рамки на ова елитно натпреварување, на многумина за око им запна една работа – сè почестото плукање вода по теренот.
Во финалето од елитната европска лига ќе го гледаме Хари Кејн, еден од најдобрите фудбалери во моментов во Европа, капитен на англиската репрезентација и напаѓач на Тотенхем, најголемото изненадување во Лигата на шампионите. Токму Кејн е еден од големиот број фудбалери кои често кога се на терен, наместо да ја голтаат течноста која ја пијат за освежување и хидрирање, ја плукаат откако само ќе ја исперат усната празнина со неа.
Тајната е во јаглехидратниот раствор
И Кристиано Роналдо за време на фудбалските натпревари повеќе плука отколку што пие. Некои играчи, пишува New York Times, ја плукаат водата бидејќи не сакаат да имаат проблеми со подуеност и само сакаат да се освежат заради топлината, додека други тоа „плукање“ го прават наменски и со план. Играчите не сакаат да ги откриваат своите тајни со кои ја одржуваат кондицијата и формата, ниту пак фитнес режимите кои ги практикуваат, но некои нутриционисти сметаат дека тие ја користат техниката за плакнење на устата со растворени јаглехидрати.
Повеќе од една деценија резултатите во спортовите кај кои е круцијална издржливоста покажаа дека спортистите можат да имаат многу подобри перформанси ако за време на натпреварите (или тренинзите) ја плакнат устата со раствор кој содржи јаглехидрати. Тајната е во тоа што, велат експертите, рецепторите во устата испраќаат сигнали до центарот за пријатност и удобност во мозокот, а мозокот тоа го сфаќа како знак дека уште енергија е на пат во организмот, па мускулите можат уште малку да се оптеретат и нема причина да се чувствуваме исцрпени.
„Со тоа, на некој начин, ние го лажеме мозокот, тоа е тој механизам“, вели Аскер Јеукендруп, спортски нутриционист и психолог кој, заедно со колегите од универзитетот во Бирмингем, во 2004 година открија дека плакнењето на устата со раствор богат со јаглехидрати им помага на велосипедистите за една минута побрзо да ја завршат 40 километри долгата етапа.
Англиската репрезентација одбиваше да разговара за своите тактики и стратегии кои ги користеа на Светското првенство во Русија, но личност запозната со режимот на екипата вели дека плакнењето на устата со јаглеродни раствори е нешто кое тимот го правел во минатото и дека тоа е релативно стандардна пракса.
Еден физиотерапевт во Премиер Лигата вели дека таа тактика се користи за подигнување на нивото на енергија, со цел да се избегне чувство на тегобност во желудникот и да се избегнат грчеви. Еден научник вели дека не е невозможно ако тој раствор богат со јаглехидрати се голтне, да го надразни желудникот, па подобро е само да се направи „гаргара“ со него и да се плукне.
Истражувањата покажаа дека „идеално“ сценарио е со гаргарење со таков раствор десетина секунди со цел сите рецептори на јазикот да бидат целосно „убедени“ дека следи внесување на јаглехидрати.
„Се надевам дека не сме во грешка, и дека сето тоа се прави намерно и плански, а со тоа би значело дека вистинска наука влегла во спортот“, вели Јеукендруп, кој сега е професор по метаболички процеси на Универзитетот Лафбороу, во Англија.
Секако, оваа финта е само своевидно залажување, бидејќи не може неограничено долго да ги држи во форма играчите. Во еден момент спортистите навистина мора да внесат јаглехидрати во организмот, бидејќи мускулите ќе останат бе гликоген, залиха на глукоза од која се „извлекува“ енергијата за време на физички напор. Едно истражување покажа дека самото плакнење со раствор со јаглехидрати е идеално за активност меѓу 30 минути и еден час. Но, со оглед на фактот дека еден фудбалски натпревар трае најмалку 90 минути, најдолго до два часа, таа техника, во суштина, би можела да биде и погрешна. Тоа го вели Линдзи Ботомс, физиолог која работи на универзитетот Хертфордшир во Англија.
„Би требало да се напијат малку од тој раствор, а не цел да го плукаат. Ако се прашувам јас, идеално е да се држи во уста десетина секунди, а потоа да се проголта за да се постигне најголем ефект“, вели Ботомс.
Сепак, наука или пласибо ефект?
Истражувањата на оваа тема се во зачеток, а некои студии велат дека идеалната количина на раствор со јаглехидрати која мора да се внесе е поголема од количината на други течности кои се пијат за време на еден натпревар. Иако е јасно дека мускулите добиваат екстра „доза“ на енергија, прашање е дали тоа влијае на техниката на играта, додавањата, шутирањата, тактизирањата и другите нешта кои се дел од фудбалската игра, вели Јеукендруп. Сепак, тој вели дека не треба да се занмари ниту пласибо ефектот.
Њујоршката компанија Unit Nutrition на пазарот лансираше глукозен раствор, а моментално неговиот ефект и влијание, особено на спортистите, се тестира во соработка со Универзитетот во Мичиген. Првите резултати покажаа дека плакнењето на устата ги подобрува перформансите за 15 минути, а делува така што го намалува заморот и го зголемува нивото на концентрација.
„За играчите кои се веќе исцрпени од долготрајниот натпревар тоа нема да има некаков волшебен ефект и нема да им ја зголеми способноста и ефикасноста, но им го доведува до максимум фокусот да не потклекнат пред заморот“, вели Дејвид Фергусон, професор по психологија на Универзитетот во Мичиген.
„Ќе го искористат секој можен трик кој може да го зголеми когнитивниот фокус после два часа интензивен напор. Дали има наука позади тоа? Не можам да го тврдам тоа. Дали може да им штети? Апсолутно не, посебно ако спортистите веруваат во тоа и мислат дека е витален дел од нивниот комплетен успех“, додава Фергусон.