Пол Калкбренер премиерно во Македонија, на Грин Бич Фестивал!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Апсолутниот лидер на современата светска електронска сцена ПОЛ КАЛКБРЕНЕР (PAUL KALKBRENNER) гостува за прв пат во Македонија на овогодишното, десетто издание на Грин Бич (Green Beach) Фестивалот, кое ќе се одржува на 1-ви и 2-ри август во Струга!

Еден од најголемите светски електронски продуценти Пол Калкбренер, познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред десетици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг Стоунс” и „Ју-Ту”. Во историјата на музиката ќе остане запаметен неговиот настап по повод одбележувањето на 25 години од падот на Берлинскиот ѕид пред половина милион луѓе, што уште долго време ќе остане недостижна бројка и за најпознатите светски имиња. Со неговиот настап на 1-ви август ќе биде одбележано големото отворање на јубилејниот Грин Бич Фестивал кој и ова лето ќе се одржува на локацијата кај хотел „Еуротел” во Струга!

Калкбренер е несомнено симбол на Берлин како светска престолнина на современата електронска сцена. Творецот на електронските класици меѓу кои е и мултиплатинестиот „Sky & Sand”, е главен актер во култниот филм и истоимен албум „Berlin Calling” кој се ширеше на интернет како своевидна техно библија, а интересот за самиот филм најдобро го илустрира фактот дека тој неколку години непрестано беше на репертоарот на берлинското „Кино Централ”.

Кариерата ја започнува уште во 1992-ра година, а своето прво издание за берлинската диџејска хероина Елен Елиен (Ellen Allien) и нејзината угледна издавачка куќа „BPitch Control” го објавува во 1999-та година. Во претходните две децении со осум студиски албуми тој ги помести границите на електронската музика, првенствено бидејќи не е диџеј, туку настапува во живо, исклучиво со своите нумери со кои ги диктира трендовите во електронската музика. Во сето ова, Калкбренер успева да биде и ангерграунд и мејнстрим изведувач, а колкаво е неговото влијание говори податокот дека тој е првиот човек на кој, по потпишувањето на договорот со „Sony Music International”, му е дозволен целосен пристап до нивната музичка архива за семплување.

Минатата година Пол Калкбренер го објави и својот нов албум „Parts of Life”, а ова лето премиерно пристигнува во Македонија со настап за отворање на јубилејниот GREEN BEACH на 1-ви август во Струга! Публиката на Грин Бич, фестивалот кој во последниве 10 години се истакнува како најголем настан на електронската сцена кај нас, со реноме на најквалитетен и секогаш актуелен музички избор, ќе има прилика во живо да ги чуе непроценливите нумери на овој електронски уметник, но секако и ремек делата од неодамна објавениот албум кој предизвика неподелено воодушевување кај милионите фанови кои славниот берлинец ги има на социјалните мрежи.

Покрај Пол Калкбренер, својот настап на Фестивалот претходно го потврди и највозбудливиот техно/хаус тандем во моментов Адриатик (ADRIATIQUE), кои исто така гостуваат со свој премиерен настап пред македонската публика, на втората фестивалска вечер во петок, на 2-ри август, а наскоро ќе бидат објавени и останатите изведувачите кои ќе се придружат во програмата на Фестивалот, како и информациите за стартот на продажбата на првите, најповолни билети.