Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Заради поголем број недостатоци и негативни фактори со кои се одликува практичната настава во најголем дел од средните училишта во Македонија, Државниот просветен инспекторат даде генерална ниска оценка за овој дел од средношколското образование, пренесува Факултети.мк.
Практичната настава во средните училишта во земјава е голем проблем во македонското образование. Како слаба страна ја посочиле и просветните инспектори во последниот извештај на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) за квалитетот на воспитно-образовниот процес во учебната 2017/2018 година.
Инспекторите утврдиле дека во поголемиот број средни училишта понудените проектни активности и слободни часови не се во насока на проширување на знаењата на учениците од струката. Феријалната пракса во средните стручни училишта исто така несоодветно се организира и реализира.
Не се користи заштитна опрема при изведување на праксата
– Во поголемиот број средни стручни училишта не се користи заштитна опрема при изведувањето на практичната настава – пишува во извештајот.
Поради несоодветното организирање и реализирање на практичната настава на учениците во средните стручни училишта, Инспекторатот му дава насоки на МОН како да го реши проблемот:
– Министерството за образование и наука да воспостави стандарди и процедури за успешна реализација на практичната настава, Бирото за развој и Центарот за стручно образование и обука во наставните програми да предвидат критериуми и стандарди за реализација на практична настава, директорите да обезбедат услови за квалитетна реализација на практичната настава – пишува во извештајот.
Инспекторатот смета дека има и недоволна соработка на училиштата со деловната заедница и невладиниот сектор, па предлага МОН заедно со Стопанската комора на РМ и Центарот за средно стручно образование да преземат активности за вклученост на деловната заедница во процесот на организација и реализација на практичната настава во училиштата.
Нема учебници по сите предмети
Како слабост во голем дел од средните училишта, просветните инспектори ги посочуваат и слободните (незадолжителни) часови, како и проектните активности во поголемиот број средни стручни училишта. Тие се користат во функција за надополнување до полн фонд на часови на наставниот кадар, а не за проширување на знаењата, умеењата и вештините на учениците. Тие предлагаат да се изготви Правилник со кој подобро би се организирале овој вид часови.
Проблем стар со децении е и немањето учебници по голем број предмети во училиштата.
Десет средни училишта од вкупно 37, од инспекторите добија оцена делумно задоволува, 26 училишта се оценети со оцена добро, а едно со оцена многу добро.
Во анкета направена од Факултети.мк, овие проблеми што се истакнати во извештајот ги посочија и матурантите. На прашањето што би промениле во македонското образование, голем дел од нив посочија дека немаат практична настава, немаат учебници по сите предмети, како и можност за креативно изразување и поинтерактивна настава.