Девојче родено без дланки победи на натпревар во убаво пишување


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


10-годишно девојче родено без дланки докажа дека може да ги извршува задачите како и било кој друг – ако не и подобро.

Сара Хинесли ја освои наградата „Николас Максим“ (Nicholas Maxim) на натпреварувањето „Zaner-Bloser“ за најубав ракопис. Оваа награда им се доделува на ученици со интелектуален, телесен или развоен инвалидитет.

За да пишува, Сара го држи пенкалото помеѓу краевите на нејзините раце. Таа е ученичка во трето одделение од подрачното католичко училиште „St. John“ во Фредерик. На убавиот краснопис ја научила учителката во училиште, но има и природен талент за тоа.

„Мислев дека е лесно, но морав да вежбам“, изјави малата Сара. Таа доби награда во износ од 500 долари и уште нема одлучено што би правела со парите. Се надева дека и другите деца со потешкотии ќе бидат инспирирани од нејзината успешна приказна.

„Бев горда и се надевам дека и другите деца, кои исто така имаат проблеми, ќе научат нешто од мене. А тоа е дека, ако доволно се потрудите, можете сè да направите“, додаде Сара.

Нејзината мајка Кетрин Хинесли изјави дела била воодушевена кога Сара ја освоила наградата.

„Сара е прилично независно девојче. Кога нешто сака, се труди и да го добие тоа. Секоја задача ја сфаќа многу сериозно и не се откажува од неа додека не ја изврши“, открива гордата мајка.

Освен што обожава да пишува, Сара се занимава и со уметност, вози велосипед, чита и плива. Нејзиното семејство сакало за неа да обезбеди протетски дланки, но потоа заклучиле дека Сара сосема добро функционира и без нив.

„Сосема добро функционира без протетика, па нема потреба од такво нешто. Таа може да направи речиси сè и тоа често многу подобро и од мене и мојот сопруг“, додава Кетрин.