Најшокантната песна на сите времиња инспирирана од вистинска случка


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Една од најпознатите песни на култната Били Холидеј, „Strange Fruit“, е композиција која на директен и вознемирувачки начин испраќа порака против расизмот.

Обајвена е на 20 април, 1939 година, но ниту осумдесет години подоцна не губи на своето влијание, порака и универзалност. ВВС вели дека оваа песна би можела да се смета за најшокантната песна на сите времиња.

Били пее за необично овошје кое виси од едно јужњачко дрво, за после неколку стихови подоцна да сфатиме за какво необично овошје станува збор – тела од црнци кои се обесени после линчување. Шокантните детали во песната не се изоставени, се споменува „крв на лисјата“, „искривена уста и ококорени очи“, како и „мирис на спалено месо“.

Инспирирана од вистинит настан

Стиховите се напишани од учителот Абел Миропол, откако видел една фотографија од линч на црнци од 1930 година во американска Индијана, каде животот го загубиле двајца млади црномурести луѓе, Томас Шип и Абрам Смит. Тие двајца биле осомничени за убиство на еден белец, а пред да биде одржано било какво судење и да се докаже било што во врска со нивната вина, толпа белци упаднале во затворот каде што биле затворени тие двајца и ги линчувале.

Фотографијата од нивните обесени тела го обиколила светот, а Миропол толку многу го прогонувала таа сцена, што напишал песна за неа. Како што ќе покаже иднината, песната во изведба на Били Холидеј стана една од највлијателните протестни песни во 20 век, а списанието „Time“ во 1999 година ја прогласи за песна на векот.

„Ја напишав бидејќи мразам линчување, мразам неправда и мразам луѓе кои овозможуваат да се случуваат тие нешта“, вели во своја изјава Миропол која ја пренесува ВВС.

Првата изведба проследена со мртва тишина

Били Холидеј оваа песна прв пат ја изведе во клубот „Cafe Society“ во Њујорк, а таа и сопственикот на клубот, извесен Барни Џосефсон, се погрижиле оваа изведба да биде добро запаметена. Таа била последната песна која ја извела таа вечер Холидеј, во апсолутна тишина, со пригушени светла и за време на изведбата не се послужувале пијачки.

„Луѓето мораа да ја запаметат Strange Fruit, да почувствуваат како утробата им гори од неа“, објаснил Џозефсон.

Били Холидеј подоцна раскажала каква била реакцијата од публиката кога ја отпеала оваа песна.

„Немаше аплауз кога завршив. И тогаш еден единствен гостин нервозно почна да ракоплеска и одеднаш сите му се придружија“, напиша таа во својата биографија за оваа изведба.

Иако песната после таа прва изведба стана неизоставен дел од нејзиниот репертоар на настапите, имала големи проблеми при објавувањето на истата.

Нејзината издавачка куќа „Columbia Records“ одбила да ја објави песната, а радиостаниците ширум Америка ја ставиле на црна листа и ја цензурирале одбивајќи да ја пуштаат. На крајот, сепак, песната била објавена од страна на друга издавачка куќа, на 20 април, 1939 година. Истата година е продадена во 1 милион примероци и така стана најпродавана песна на Били Холидеј.