„Бананата“ што Вучиќ му ја залепи на детето е тажна метафора за Србија (видео)


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во рамки на неговата турнеја „Иднината на Србија“ (Budućnost Srbije), беше во посета на Велико Градиште, каде меѓу другото, им се обрати и на младите кошаркари од клубот „Пожаревац“. А со едно од децата од кошаркарскиот клуб, во дуел „еден на еден“, ги демонстрираше и своите кошаркарски вештини.

Вучиќ, во балкански политички манир, ја посети спортската сала на Сребреното езеро и вети дека државата ќе помогне таа да се дозаврши. Посака децата да градат спортски дух, да научат да се натпреваруваат, да сакаат секогаш да победуваат, но и да умеат да пружат рака ако некој е подобар од нив.

Практичен каков што е, во контекст на оваа последнава „лекција“ спомената во претходната реченица, тој реши на лице место да премине од зборови на дела, па за баскет дуел си одбра едно од помалите деца.

И сите веројатно очекуваа дека Вучиќ ќе покаже барем малку добронамерност и ќе одигра еден баскет поен со детето на негово ниво, како секој нормален и разумен возрасен човек – малку дриблање, малку шармерски потези, па малку ќе го дигнеш клинецот до обрач да поентира или да забие, додека публиката скандира одоброволувачки. Ама не, со Вучиќ нема лабаво. Тој никогаш не попушта, особено кога противниците се послаби.

Со сиот ум му залепи една „банана“ на малиот, додека медиумските претставници со камерите одблиску го снимаа тој „епски дуел“ во кој претседателот излезе „пофраер“. Нека научи на време малиот да губи и да му пружи рака на „подобриот“, нека сфати навреме преку оваа спортска ситуација, како метафора за Србија, што значи „банана држава“.

„Ми беше мило да ги видам вашите насмеани лица и желбата да се занимавате со спорт. Ви посакувам многу победи и насмевки во животот“, им порача на крајот Вучиќ на младите кошаркари.