Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според тврдењата на едно 14-годишно момче пред полициските службеници, тој е детенцето кое пред осум години било киднапирано и до денес било држено во хотелот „Ред руф ин“ од страна на двајца мажи, од каде конечно сега успеало да избега.
Момчето не било сигурно каде точно се наоѓа хотелот, а според полицискиот извештај, изгледа дека „трчал сè додека не го преминал мостот кон државата Кентаки“. Тинејџерот ѝ рекол на полицијата дека два часа трчал и дека го боли стомакот.
Полицијата ги проверила сите хотели од синџирот „Ред руф ин“ во областа и не нашла никакви знаци на киднапирање. Исто така, властите засега немаат потврдено дека навистина се работи за Тимоти Питзен, момчето што исчезна пред речиси осум години.
Момчето на полицијата ѝ дало детален опис на наводните киднапери, велејќи дека имале „конституција на бодибилдери“. Едниот од нив имал тетоважа со пајакова мрежа на вратот, а другиот имал тетоважа со змија на рамото.
Тимоти исчезнал во мај 2011 година. Неговата мајка, Ејми Фрај-Питзен, рекла во училиштето дека мора да го земе малиот поради итен случај во семејството, а потоа со него отишла на тридневен одмор. Посетиле зоолошка градина и неколку водни парка, а потоа таа била најдена мртва во мотел во Рокфорд. Подоцна било утврдено дека извршила самоубиство. Оставила проштално писмо во кое пишувало дека нејзиниот син, Тимоти, е на сигурно и дека за него се грижат луѓе што го сакаат. „Никогаш нема да го најдете“, пишувало во писмото.
Семејството со години го барало Тимоти во неколку држави.
„Имам една слика. Таа е од денот кога го оставив во школо и тој потрча накај училницата, и тоа e последната слика од него што ја имам во главата“, рекол таткото на Тимоти, Џим Питзен, во 2015 година за Си-ен-ен.
Низ текот на годините членовите на семејството велеле дека мајката имала историја на депресија, а бракот ѝ пропаѓал. Нејзиниот најголем страв бил дека судија ќе ѝ го земе синот поради нејзината психичка болест, велеле роднините.
Снимките од безбедносните камери додека Тимоти шетал со мајка си покажувале опуштена и весела атмосфера меѓу мајка и син што тргнале во забавна авантура, вели Си-ен-ен.