Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Еколошка катастрофа во Преспа. Пожари беснеат на крајбрежјето, гори трска и друга вегетација во Паркот на природата со ретки птици „Езерани“ , а огнот не стивнува ниту во Националниот парк Галичица на тешко пристапен терен, јавува ТВ Телма.
Двете подрачја се под заштита, а пламените јазици направија пустош и ја уништија природата во овој дел од Преспа. Пожарникарите се борат со огннените стихии на неколку локации
-Преспа и денска е во чад и пламен, гори НП Галичица и трска на крајбрежјето, а огнот досега проголтал над 300 хектари шума и трска.
Пожарот на Преспанското крајбрежје започна вчера од запалени стрништа и диви депонии кај туристичката населба Сирхан во близина на Отешево, по што беше зафатена трската на крајбрежјето, како и дел од овоштарниците.
Потоа пламените јазици силниот ветер ги префрли преку асфалтниот пат, кон Националниот парк Галичица, кој се уште е активен.
-Страшно многу, чадови, опасен пламен, реков куќите ќе одат. Одзгоро си дојде, трски што имаше покрај езеро, шума таму, гореше. Потоа префли огнот таму кај чешмата и отиде на горе. Дојдоа цистерни ам угоре не можеа да одат. Трчаа луѓе, ама што ќе угаснат со раце. Дежураа цела ноќ таму и кај викендичките дежураа, еве сега пак гори, рече Миланка Карапалеска, од село Шурленци.
Синоќа огнот беше ставен под контрола, но, шумата се уште гори на непристапен терен и денска се прават напори пожарот да не се прошири во викенд населбата Сирхан и околните села.
-Разговарав со вработените од НП Галичица и веќе се на терен и го имаат ограничено пожарот, северниот и јужниот дел се обезбедени и се прават заштитни појаси, вели Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.
Се претпоставува дека сите пожари се предизвикани од човечки фактор, а градоначалникот на Ресен побарал од полицијата да се спроведе истрага, да се откријат и да се казнат сторителите. Од противпожарната единица велат дека не паметат вакви пожари во овој период од годината.
-Досега ова не се случило. Лани имавме 126 пожари цела година, а за три месеци сега имаме 113 пожари, рече Ристе Илиевски, командир на ТППЕ-Ресен.
Пожарот на Галичица вчера ги зафатил и двата далекувода на ЕВН, по што сите села од Сирхан до село Коњско, останале без струја. Денеска дел од дефектите се санирани, но во наредните денови повторно ќе има прекини во снабдувањато, додека целосно се заменат опожарените столбови, велат од ЕВН.
Извор: ТВ Телма