Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светски најпознатиот македонист од немакедонско говорно подрачје, лингвистот Виктор Фридман, тврди дека Преспанскиот договор не го загрозува македонскиот јазик и дека промената на уставното име нуди можност македонскиот јазик да ја зацврсти својата позиција и да биде подобро зачуван надвор од границите на државата.
Тој неодамна беше одликуван од претседателот Ѓорге Иванов со медал на заслуги за Македонија за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји, пренесува Нова Македонија.
„Преспанскиот договор, отворајќи ѝго патот на Северна Македонија кон некои меѓународни организации, исто така го отвори патот кон подобро зачувување на македонскиот јазик надвор од државата“ – вели Фридман.
Според него, новото уставно име на државата Република Северна Македонија, не го загрозува македонскиот јазик.
„Во Преспанскиот договор многу јасно пишува дека македонскиот јазик се вика македонски, па според тоа новото име Северна Македонија не може да го загрози македонскиот јазик“ – нагласува Фридман.
Тој додава дека најдобар начин за зачувување на јазикот е кога тој активно се говори и се пренесува од генерација на генерација.
„Јазик се зачувува кога родителите зборуваат со децата, и децата го употребуваат меѓу себе, и, кога ќе пораснат, го употребуваат со нивните деца, кои исто така го употребуваат меѓу себе, итн.“ – вели Фридман.
Професорот Фридман се осврна и на заштитата и употребата на македонскиот јазик од страна на македонското малцинство во соседните земји.
– Јазикот на македонските малцинства што живеат во Грција сè уште е загрозен, иако не толку, колку што беше во минатото – нагласува Фридман.
Според него, нешто подобра е ситуацијата во Албанија, која го има признаено македонскиот јазик. За него загрижувачка е состојбата со Бугарија, која воопшто не го признава постоењето на македонскиот јазик.