Тажната тајна од прекрасната „Dance Me To The End Of Love“ од Леонард Коен


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Сите кои го заслушале канадскиот музичар и поет Леонар Коен, со сигурност „Dance Me To The End Of Love“ ја имаат како еден фаворитите од неговиот раскошен репертоар. Но, малкумина знаат дека оваа прекрасна песна зад себе крие тажна и трагична позадина.

Иако многумина ја сметаат за еден вид на химна на љубовта, вистината е дека песната, всушност, е инспирирана од сосема поинакви случувања – од најголемиот ужас што го доживеал светот на сите времиња.

Леонард Коен пораснал во Монтреал, во угледно еврејско семејство. Својот концерт што го одржал во 2009 година во Израел, го започнал со молитви и благослови кои ги изговорил на хебрејски јазик.
Затоа и воопшто не е необичен фактот дека една од најубавите песни од овој автор е инспирирана од страдањата на еврејскиот народ.

Песната која многумина ја сметаат за химна на љубовта и романтиката – „Танцувај со мене до крајот на љубовта“ (Dance me to the end of love), настанала откако Коен се посветил на изучување на холокаустот. Иако е конструирана како љубовна песна, всушност таа говори за смртта и страдањето.

Во едно свое интервју, Коен го открил потеклото на оваа песна:

„Интересно е како потеклото на секоја песна води до зрнце, до семето кое некој ви го дал, и тоа е она што процесот на пишување на песната го прави мистичен. Меѓутоа, оваа песна настана откако чув, прочитав и осознав дека во логорите на смртта гудачките квартети биле приморувани да свират покрај крематориумите. Тие свиреле додека се случувал хорор, а судбината на тие луѓе била истиот тој хорор.

Свиреле класична музика додека нивните сопатници биле затворани, убивани и спалувани. Стихот „Танцувај со мене до твојата убавина, со виолина што гори“ (Dance me to your beauty with a burning violin) зборува за убавината на постоењето и за нејзиниот крај“, изјави Коен.

Песната за првпат е објавена во 1984 година во албумот „Various Positions“. Во знак на сеќавање на сите настрадани, бројни еврејски музички состави и денес ја свират оваа песна.