Неисправните сопирачки и брзото возење главни причини за несреќата кај Ласкарци


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Недозволена брзина на движење и нецелосно исправните сопирачки на автобусот на “Дурмо турс” се причините за сообраќајната несреќа што се случи во близина на селото Ласкарци, јавува ТВ Канал5.

Недозволена брзина на движење со 99 километри на час и нецелосно исправните сопирачки на автобусот на “Дурмо турс” се причините за сообраќајната несреќа што се случи во близина на селото Ласкарци, а во која загинаа 15 лица, а над 30 беа повредени, соопшти обвинителот од скопското обвинителство Сашо Рајчев.

Според истражните дејствија на вештаците било утврдено дека во автобусот бил инсталиран уред за манипулација на технографот, кој ја мери брзината на движење.

Осомничени во целата постапка се седум лица, меѓу кои возачот, сопственикот и раководителот на превозникот од Гостивар “Дурмо турс”.

Сопственикот не поседувал валидни сертификати и не ги почитувал законските прописи за организирање на патнички сообраќај.

Тој според досегашните сознанија на обвинителството , го препуштил раководењето на возниот парк на второосомничениот, иако не поседувал таков сертификат. Тројца од осомничените се од фирмата за технички преглед, чиј сопственик е истиот газда на “Дурмо Турс”.

Сите седуммина осомничени денеска беа лишени од слобода. Шест од нив се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за нив ќе биде побаран притвор, додека седмото лице се товар за несовесно работење во службата, затоа што издало дозвола дека технометарот во автобусот бил целосно исправен без да ги направи неопходните проверки. За него ќе бидат побарани мерки за претпазливост.

Утврдено било и дека возачот не управувал со телефон за време на несреќата, а бил во стабилна здравствена состојба. МВР веќе постапува по проверките и важноста на издадените лиценци на двете фирми.

Извор: Канал5